Правосудните реформи под „рачна“ – СДСМ не ја дава Катица Јанева?

СДСМ никако да се откаже Катица Јанева да шефува со СЈО. Владејачката партија не сака да прифати друг човек да го води Специјалното обвинителство, што во моментов претставува најголема пречка во преговорите меѓу власта и опозицијата околу новиот закон за Јавно обвинителство, од кој зависи и статусот на обвинителството на Јанева, вели за Алфа, Антонио Милошоски, кој е дел од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ за подготовката на овој закон. Тој потенцира и дека кај нив постои желба за квалитетно законско решение, во согласност со стандардите на Судот за човекови права во Стразбур, но  дека првиот човек на СЈО треба да сноси одговорност за незаконското работење.

-Се надеваме дека власта нема да инсистира да и гарантира одредена позиција на јавната обвинителка Катица Јанева, која треба да сноси одговорност за пречекорувањата на законот за неовластен тужител. Доколку власта е спремна да отстапи од владејачката врска со обвинителката Катица Јанева, мислам дека тоа ќе биде еден добар сигнал и може да помогне во преговорите, вели Милошоски за Алфа.

Кај власта пак како да не постои расположение за преговори со опозицијата. Министерката за правда Рената Дескоска вели дека преговорите немало оти опозицијата требало да попушти.

-Нашата обврска од аспект на подготовка на квалитетен закон е завршена. Јас очекувам поддршка не само од тие што се во власта, туку и тие што се во опозиција, бидејќи ова е закон што може да се донесе само со двотретинско мнозинство. Официјални средби не закажуваме, се прават неформални контакти. Значи доколку има било какво поместување од нивна страна, веднаш може да закажеме средба, на само средби за да ја забавуваме јавноста и ние да се гледам мислам дека се непродуктивни, изјави денеска Дескоска.

Неоткажувањето на власта од Катица Јанева, во прашање ја доведува и иднината на евроинтеграциите на Македонија. Решавањето на статусот на СЈО е неопходен за добивање на датум за старт на преговори за членство во ЕУ, што беше потврдено и од францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние.

-Во месеците кои претстојат треба да се искористат на најдобар начин за да може реформската агенда целосно да се спроведе, особено тука мислам на законот за Специјалното јавно обвинителство, порачува Тимоние.

Инаку, пред нешто повеќе од еден месец обвинителката Катица Јанева кажа дека никој не може да ја смени и дека има намера во септември да конкурира за нов мандат. СЈО имаше рок за поднесување обвиненија до први јули 2017 година, а за опозицијата е спорно што Јанева и колегите постапки отвораа и по овој предвиден законски период.

Матеја Петровски