Православните верници го слават најголемиот христијански празник – Велигден

Денеска гласно бијат црковните камбани, христијанските верници, го слават Велигден. Се веселат заради победата на животот над смртта, преку воскресението на Исус Христос, моќ со која тој не само што ја уништил смртта , им дал патоказ како да го здобијат вистинскиот живот. Поклонувајќи се пред иконата на Христос, вениците се молат за среќа, здравје и бериќет. Оние кои постеле се причестуваат. Празникот го минуваат со саканите, на свечен семеен ручек го слават живот, се кршат со велигденски јајца.
Кога Господ Бог ни го откри вечниот живот, да не бидеме обземени со омраза и зло, туку да бидеме постојани во покајанието и простувањето, во воздржувањето и трпението е пораката на која се повикаа свештениците на Велигденската воскресна литургија. Порачаа, верниците молитвите да ги внесуваат во ризницата на срцето, да ги исполнуваат Христовите пораки. Да не се сакаат со зборови и јазик, туку со дела и вистина.
Во храмовите уште вчера се чувствуваше свечена атмосфера. Верниците се собраа да ја слушнат веста за Христовото Воскресение, која на полноќ ја објавија свештениците, по што следеше кршењето со велигденски јајца. Празнувањето на Велигден продолжува и во следните два дена. Верниците со Христос Воскресе – Вистина Воскресе се отпоздравуваат 40 дена се до Вознесението Христово, Спасовден.

Meри Ѓорѓиевска