Православниот свет пред голем раскол – рускиот патријарх го моли Вартолмеј да не признава шизматички цркви

Православниот свет забрзано се движи кон голем и можеби конечен раскол. Поглаварот на Руската православна црква Кирил му испрати писмо на вселенскиот патријарх Вартоломеј во кое го предупредува, како што вели, можеби за последен пат, да не учествува „во политичка авантура“ со легализирање на „шизматичка црква“ во Украина. Московскиот патријарх му порачува на православниот лидер дека со давањето афтокефалност на нерегуларна религиозна структура каква што е Украинската православна црква самиот ќе стави крај на приматот на Екуменската патријаршија во православниот свет.

„Сега, кога плановите всушност се остваруваат, можеби за последен пат се обраќам до вас и до целиот православен црковен свет. Ве молам, да се одвратите од шизматичкото општество и да одбиете да учествувате во политичка авантура со легализацијата“, стои во писмото на патријархот Кирил објавено на интернет страницата на Руската православна црква.

Со изјавата дека се надева оти Вартоломеј „нема да биде првиот кој ќе дозволи да се отцепат стотици милиони верници“ Кирил практично најавува дека Руската како најголема православна црква навистина планира да се раздели од Цариград, што, според познавачите е еднакво на поделбата меѓу православните и католиците пред речиси илјада години. И покрај ова директно писмо, вселенскиот патријарх Вартоломеј потврди дека има намера на 6 јануари да го издаде томосот за афтокефалност на украинската црква истакнувајќи дека тоа ќе биде „голем и историски настан“. Во Киев на 15 декември беше основана автокефална Украинска православна црква, одвоена од Московската патријаршија, а за поглавар на црквата беше избран миторполитот Епифаниј.

МПЦ минатата година исто така побара признавање од Вселенската патријаршија, но од Цариград порачаа дека тоа прашање пред се ќе зависи од исполнувањето на Преспанскиот договор.

Драган Милосављевиќ