Правните експерти предупредуваат: Меѓународна истрага за Диво Насеље би била тежок преседан

Меѓународна истрага која што ја бараат првостепено осудените за настаните од кумановско Диво Насеље не може да има. Адвокатот Звонко Давидовиќ за Алфа, вели дека според нашите закони тоа е невозможно, порачувајќи дека доколку првостепено осудените се сомневаат во вистинитоста и објективноста во овој судски процес имаат други правни лекови на располагање.

-Ако дословно ги почитуваме законите тешко да има меѓународна истрага. Значи не во таа смисла како што се мисли, дека цела истрага од странски органи може да биде спроведена, тоа е невозможно согласно нашите закони. Она што при сомневање на вистинитоста и објективноста при судењето и изведувањето на доказите, се две работи. Првата е да направат свое вештачење, на што имаат право, а втората е по исцрпување на сите правни лекови, сите инстанции да си поднесат тужба во Стразбур, вели во телефонски разговор за Алфа, Звонко Давидовиќ.

Меѓународната истрага за настаните од Диво Насеље, иако според законите не може да биде спроведена, прв ја вети тогаш лидерот на опозицијата, сега премиер на државата Зоран Заев. Тој подоцна посочи дека Владата барала механизми за тоа и да се спроведе:

-Ние сакаме и знаете дека тоа е запишано во владината програма, да нема дилеми и дебати за сето она што претставува неразјаснети работи. Верувам дека ќе ги најдеме начините со меѓународната заедница, како да се оформи меѓународна истрага за овој случај, изјави премиерот Зоран Заев на 10 ноември 2017 година.

Ветување за меѓународна истрага пред нешто помалку од 2 години даде и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Ние како Влада преземавме обврска дека ќе направиме дополнителна и тоа меѓународна истрага, со цел на еден соодветен начин јавноста да ја дознае вистината за овој настан за она што се случувало во делот на кумановските настани, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 20 октомври 2017-та година.

Ветувањата на власта се едни, законот вели друго, но што доколку дојде до меѓународна истрага за овој случај? Според Давидовиќ, тогаш би можел кој сака друг обвинет да побара за било кој предмет ист третман.

-Апсолутно, апсолутно, ако еднаш се направи за еден предмет, апсолутно би било овозможено и дозволено и за другите, во моментов таков механизам и таква можност навистина не гледам, вели Давидовиќ за Алфа.

Вчера со пцости кон судечкиот совет, со хвалоспев за загинатите во Куманово, со повик дека ова е Албанија, со пораки од првостепено осудените дека не ги признаваат судовите во Македонија и барање за меѓународна истрага започна јавната седница, која продолжи и денеска, каде Апелација одлучува по жалбите обвинетите за тероризам за настаните од Диво Насеље.

Матеја Петровски