По 100 заболени од морбили секоја недела

Алармантна е состојбата со малите сипаници. Повеќе од 100 нови случаи секоја недела само во главниот град. Од заразените деца, 16-годишно девојче веќе три дена се бори за живот во Инфективната клиника, а во потешка состојба во оваа болница се уште три деца и тројца возрасни. Загрижува тоа што и веќе вакцинирани деца завршуваат во болница.

-Само во текот на вчерашниот ден од прегледани 10, на болничко лекување останаа 4 пациенти. Осумгодишно дете од Илинден, кое веќе било вакцинирано, едногодишно дете од Чаир кое не било вакцинирано, бебе од 8 месеци, исто така невакцинирано од Студеничани и 45-годишник кој никогаш не примил вакцина. Во животно загрожувачка состојба на механкчка вентилација е 16 годишна пациентка од Скопје со церебрална парализа и масивна пневмонија како компликација од морбили. Во потешка состојба има тројца возрасни пациенти и три деца, сите со компликации, велат од Инфективната клиника.

Во оваа болница поради мали сипаници лежат 36 пациенти од кои 17 деца. А на детската клиника има згрижено 6 деца заразени со морбили. Единаесетмесечно дете со морбили е на интензивна нега во оваа клиника, и лежи со 15-тина што не се заразени. Но, од клиниката за Алфа велат дека нема опасност, бидејќи детето не е повеќе заразно.

Во меѓувреме, се прават напори преку теренска вакцинација низ училиштата да се спречи ширењето на ова заразно заболување. Одзивот е мал. Во Скопје треба да бидат вакцинирани уште 2500 деца, а низ земјава, над 18.000.

Невакцинираните деца нема да се примаат во училишта. Според здравствените власти, ова е единствен начин за да се избориме со епидемијата на морбили. Но, за да се оствари, неопходни се и измени на закони бидејќи образованието е задолжително.

Сања Трајковска Ставров