По три дена се одзва Министерството за животна средина, нема одговор зошто е реактивирана депонијата во близина на заштитената зона на Рашче

Министерството за животна средина по три дена и официјално потврди – тие ја избрале локацијата каде се фрла отпадот од пречистителната станица на некогашен Југохром односно тие наложиле каде и како да се одлага калта која веројатно содржи и тешки метали.

  • Министерството одговорно тврди дека тоа што се испушта е милта која е собрана од дренажниот систем и се враќа на самиот извор од каде доаѓа, како единствен безбеден начин. Милта се враќа на постоечката депонија“ стои во одговорот на прашањата на Алфа до МЖСПП.

Сепак, во одговорот што го добивме никаде не е објаснето ниту зошто се реактивира постоечката депонија која е во непосредна близина на заштитната зона на изворите Рашче, ниту дали сето ова може да има последици по водата која ја пијат над половина милион луѓе. Топката ја префрлаат кај скопски Водовод и канализација.

  • ЈП Водовод и канализација редовно ја следи состојбата на квалитет на водата од изворите Рашче согласно обврските за заштита на изворот Рашче и условите од дозволата со цел обезбедување исправна вода за пиење на Градот Скопје и околните населени места“ велат од МЖСПП. 

Дали одлуката на Министерството е најсоодветна засега останува отворено прашање. Одговори ќе побара и градоначалникот на Јегуновце, кој во изјава за Алфа најави жалби и претставки до сите надлежни институции за да се провери дали навистина нема загадување за изворите Рашче и на локалната животна средина.

Депонијата се наоѓа непосредно до заштитната зона на Рашче, а сега со нејзиното реактивирање и фрлање на дополнителен отпад наместо трајно решавање на проблемот се создава нова потенцијална опасност.

Ова е една од жешките еколошки точки во Македонија. Тука со децении се носеле остатоците од индустриското производство на Југохром кои, меѓу другото, содржат хромати на калциум, алуминиум, натриум, но и шестовалентен хром за кој е докажано дека е канцероген односно опасен за човекот и животната средина.

Инаку пред само десетина дена во Министерството за екологија изби и друг скандал – службеник вработен таму дал дозвола да се изгорат 17 илјади килограми опасен отпад во депонијата Дрисла која немала соодветни услови за тоа. Финансиската полиција му поднесе пријава и го сомничи за земање поткуп во висина од 450 илјади денари.

Викторија Миткова

Advertisements