По сторијата на „Алфа“ стопирани активностите во Петровец – дали сепак ќе се прави плантажа за марихуана?

Стопирани се започнатите активности на нивата во населеното место во Петровец, на која како што тврдат мештаните е планирано засадување на канабис. Таму се уште стои багерот, кој е донесен од фирмата која ја купила парцелата, но како што велат граѓаните никакви работи не се извршуваат откако Алфа ја започна сторијата во понеделникот.

-Последен пат во саботата беа тука, значи од саботата навака веќе петти ден не се дојдени да работат. Откако излезе во медиумите веќе се стопирани активностите за работа. Багерот си стои како што беше претходно, луѓето не се дојдени, изјави Мирјана Тонева, жител на Петровец.

Откако Алфа вчера постави прашање до МВР дали ќе бидат преземени некакви активности околу овој проблем во Петровец дошла полицијата, а потоа и инспектор за опојни дроги.

-Вчера беа до полицијата, земаа изјави тука од соседите. Денеска беа исто така за опојни дроги и тие се оградуваат, велат дека кај нив нема никаква дозвола, изјави Тонева.

Редакцијата на Алфа, денеска повторно беше во општина Петровец, но градоначалникот не беше тука. Тој ни кажа дека марихуана ќе се сади во населеното место, но дека немал ингеренции околу овој проблем. Тој топката ја префрли кај министерството за здравство.

-Баш никакви ингеренции и плус таа парцела што ја имаат купено за одгледување на марихуана е надвор од градежен реон, значи општината воопшто не ни дава дозволи, вели градоначалникот Борче Митевски.

Фирмата на која мештаните и продале десетина парцели во и околу селото воопшто не е во лиценцираните одгледувачи на канабис според списокот кој ни го испрати владината прес служба.

Матеја Петровски