По средношколскиот, за во понеделник е најавен и втор протест на незадоволни родители

Родителите на деца од основно и средно училиште в понеделник излегуваат на улица. Незадоволни се од одлуката на Владата за онлајн образование за сите деца над трето одделение. Велат секој родител мора да има право на избор дали детето ќе му учи од дома или ќе оди на училиште. Немаат доверба во онлајн наставата, оти велат надлежните и натаму молчат како ќе се одвива еден училишен час пред компјутер. Деталите за ова ги немале ниту наставниците кои ќе треба да ја предаваат наставната материја. Децидни се – или право на избор или бојкот на наставата.

„Наставничката се уште не знае каква ќе биде онлајн наставата а не пак јас како родител. Доколку Владата не ни излезе во пресрет за комбинирана настава, право на избор да биде, јас како родител јас да одговарам за моето дете, ниту Владата ниту министерот ниту било кој друг, ако не го прифатат тоа ние сите родители ќе ја бојкотираме наставата и ќе бидеме офлајн. Ако треба ќе има протести се додека не ни се дозволи тоа што го бараме ние“, вели Весна Андреева, родител и огранизатор на протестот.

Како ќе се одвива наставата на далечина се уште е енигма. Од МОН само кусо соопштија оти децата ќе имале распоред на часови со тајминг во колку часот ќе треба да се вклучат на интернет. Но, останува дилемата, колку ќе траат часовите, по колку предмети дневно ќе се изучуваат, дали децата ќе треба да бидат пред компјутер исто колку што трае и традиционалната настава и дали ќе се вклучуваат во повеќе смени?

Наставници кои ги консултираше Алфа признаваат оти обуките за онлајн настава се уште не се почнати. Откриваат дека официјалната обука ќе ја минеле само неколкумина наставници од секое училиште, па потоа тие ќе треба добиеното знаење да им го пренесат на своите колеги. Се сомневаат дека периодот до 1 Октомври ќе биде доволен за да се подготват.

Од друга страна, најавата за онлајн настава ги вознемири родителите кои имаат повеќе ученици во семејството. Прашуваат дали надлежните при креирање на распоредите ќе имаат в предвид да не се поклопуваат часовите на нивните деца, оти дел од нив не можат да обезбедат и посебен компјутер и посебна просторија за секое дете.

Вчера и премиерот Оливер Спасовски призна – надлежните допрва ќе барале решение како да им помогнат на родителите од социјални семејства, но и на оние со повеќе ученици кои не се во можност да обезбедат техничка поддршка за онлајн настава.

Инаку, протест за во понеделник најавија и од Средношколскиот сојуз. И тие бараат комбинирана настава онаму каде тоа го дозволува епидемиолошката состојба. За своите права ќе маршираат од МОН до пред Влада.

Биљана Божиновска

Поврзани вести