По скандалите со руските пранкери, опозицијата бара избори, Заев нејќе да чуе, ДУИ понуди термин

После скандалот со руските пранкери, за опозицијата и македонска и албанска чашата е прелеана и бараат предвремени избори. ДУИ велат се подготвени , но премиерот нема намера да си поднесе оставка.
-Дадов вчера навистина детални одговори на ова прашање и останувам на истите одговори од вчера, рече Заев.
Албанскиот партнер во власта е за избори ама не оваа туку другата година, можеби напролет. За оваа останувале обврски од ЕУ и НАТО агендата.
-Следната година готови сме за било кој предизвик, но мора да имате предвид дека ако се усвои законот за попис предвидено е дека цел месец април треба да се одвива операцијата за попишување на населението, вели Артан Груби, пратеник од ДУИ.
И според албанската опозиција, веќе не може да се чека. Оваа владата покажала неуспех на сите полиња.
-Имајќи предвид дека не добивме и датум за почеток на преговорите како што беше и ветено од страна на Владата, имајќи предвид дека имаме и големи проблеми со правниот систем односно селективната правда – од една страна имаме постапки против бивши функционери на ВМРО ДПМНЕ, а немаме постапки против бивши и сегашни функционери на ДУИ, со сите афери што ги имаме сметаме дека требаат предвремени парламентарни избори, вели Фадил Зендели, пратеник од БЕСА.
-Овој состав на Собранието и оваа влада дефинитивно немаат капацитет да ги туркаат напред реформите, смета Сурија Рашити, пратеник од Алијанса за Албанците.
Предвремените на маса ги врати ВМРО ДПМНЕ вчера. Нивниот прв човек повика парламентарните партии да ги договорат следните чекори и да се формира техничка влада.
-Ајде да седнеме веднаш уште денеска да завршиме со сите протоколарности, да ги собереме пратениците во рамките на парламентот, да одржиме состанок со пратеничките групи, секој претседател на политичка партија одделно, да договориме техничка влада и да одиме на предвремени избори, рече вчера Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ
Неофицијалните информации во политичките кулоари се оти предвремените избори се можни на пролет, односно би се пристапило кон техничка влада откако до нова година, како што се очекува, ќе се аминува членството на Македонија во НАТО од сите земји членки.
Искра Коровешовска