По протестот на ВМРО-ДПМНЕ – исцртана патеката до предвремени избори

Корупција, распаднато здравство, афери, селективна правда, предавства, предавнички договори, сиромаштија, инфлација – против сите овие проблеми лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави борба преку протести на улиците и блокади во институциите. Христијан Мицкоски од протестот синоќа кој наиде на поддршка од граѓани од сите делови на Македонија порача дека е потребна силна општествена поддршка за национално и народно единство. Решението според него се предвремени парламентарни избори.

„Денот за власта е ден поминат во луксузни автомобили, ручеци со златни виљушки и чинии какви купуваа, а денот пак за обичниот народ е ден за борба со голиот живот, борба за опстанок да се преживее и да се дочека следното утро. Таква е реалноста во нашата Македонија. Тешка и мачна. Денес сум овде пред вас затоа што јас ја имам одговорноста да се борам и да ветувам, се обврзувам и гарантирам дека нема да разочарам. Вие сте мојот мотив и ова е мојата сила! Ова е мојата Македонија. Тие ги имаат институциите, а јас со вас, сме заедно народот“ – изјави Мицкоски.

Уништениот стандард на граѓаните кој се должи на економскиот крах, растечката инфлација и кризите со кои се соочува Македонија не е единствениот проблем според Мицкоски. Состојбата станувала неподнослива и поради лошата надворешна политика бидејќи наместо да се исполни европскиот сон, државава е заглавена во чекалницата на ЕУ 22 години, а наместо датум, добиваме понижувања, срам и предавства.

„Што се однесува до Бугарија, сакам јасно да посочам дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. А, ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила во Собранието, тогаш идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точка од овој договор да почитува и да применува. Тоа на сите треба да им е јасно. Една порака и до официјална Софија, наместо да нѐ поддржувате како соседи, вие не блокирате и неповратно ги оддалечувате нашите два народи, македонскиот и бугарскиот“ – вели Мицкоски.

Илјадници луѓе синоќа го поддржаа големиот протест пред Владата и скандираа „Премногу е“. Мицкоски им вети на граѓаните историски триумф и борба против како што кажа мрачна ера на криминал и предавства.

ВМРО-ДПМНЕ пред околу два месеци го повика премиерот Ковачевски на иста маса да се договорат за предвремени парламентарни избори, повикувајќи се на насобраниот револт кај граѓаните и од ден на ден-потешкиот живот, но Ковачевски експресно одби. Настапија и со активна блокада на Собранието, која за сега не вроди со плод, но Мицкоски верува дека масовните протести што ќе следат и понатаму ќе ја испратат пораката дека се потребни промени.

Адријана Алексиеска

Advertisements