По пресудените 211 години затвор, судија поротник од случајот „27 Април“ поднел оставка

Основниот суд Скопје 1 потврди дека судија поротник во предметот „27 Април“ поднел оставка во Судечкиот совет.

Причината за неговото повлекување официјално не е позната, но се шпекулира дека поротникот кој е пензиониран полицаец поднел оставка од судечкиот совет поради висината на казните за осудените, односно поради револт од казните за колегите полицајци, за кои сметал дека се неправедно осудени.

За Основниот суд Скопје 1 не се спорни шпекулациите дека драконските казни се причина за оставката на поротникот, туку е важно дека ова немало да ја кочи работата во другите предмети. Ова е целосната информација од судот:

Ве информираме дека еден од судиите поротници во судечкиот совет со кој претседава судијата Добрила Кацарска, самиот побарал од Судскиот совет да биде разрешен од функцијата судија – поротник, па заради тоа е извршена и промена на советот. Оваа промена нема никакво влијание врз другите предмети со оглед дека предметот поврзан со „27 април“ е веќе завршен со првостепена пресуда, а другите предмети, познати како „Транспортер“ и „Триста“, заради промена на составот на советот, формално се веќе почнати од ново и не само што се доведени во фазата во која биле претходно, туку се и во понапредна фаза со оглед да на претходните расправи за овие предмети се изведувани нови докази и соослушани нови сведоци. Па затоа оваа промена не претставува никава пречка нити причина за одолговлекување на предметите.

За драконските казни изречени во случајот за 27-ми април реагираа бројни правни експерти, а за единствената ослободителна пресуда која беше изречена судијката Добрила Кацарска рече дека и била најтешката ослободителна пресуда која ја изрекла во кариерата, иако за ослободениот Игор Дурловски обвинителството не покажа никакви докази.

Во пресудата за Митко Чавков, Кацарска не ги прифати сведочењата на двајца полицајци под заклетва кои тврдеа дека Чавков пред да дојде во оперативниот штаб бил во својата работна канцеларија во објектот Технометал, туку му поверува на осудениот Александар Василевски Нинџа кој даде исказ дека го видел Чавков во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Минути пред да соопшти дека го прифаќа како точен исказот на Нинџа, Кацарска во воведниот дел го цитираше грчкиот трагичар Софокле.