НАЈНОВИ ВЕСТИ

По преговорите со надлежните, македонските пензионери уште пореволтирани – протестите продолжуваат

  Наместо договор, намалување на тензиите и стопирање на секојдневните протести, по изјавите на ресорната министерка, на претседателката на пензионерскиот Сојуз, и последно на премиерот, македонските пензионери стануваат уште погневни, пореволтирани и порешителни да не отстапуваат од своите барања. Велат, протестите не само што продолжуваат, туку може дури и да се радикализираат со блокирање на патиштата.

  • Протестите на пензионерите се најголемиот срам за оваа Влада. Луѓе во осмата деценија од животот и со 300 болести во себе, да протестираат по улиците на оваа жештина, молејќи за леб. Срамота и гревота, колку непонижија“.  – „Невиден срам за власта. Стари лица да питачат за лепче, а тие „горе“ да јадат бифтеци и мува да не ги лази. Брука сте, кај ќе ви оди душата“? – „Министерката и премиерот нека пробаат да живеат со 10-12.000 денари, па да видат како е да си ем гладен, ем болен“, се само дел од лавината коментари кои на социјалните мрежи ги пишуваат разочараните и лути пензионери.

   Силно уверени дека имаат законско право за линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари веќе од септември, порачуваат дека веќе се организираат за сами да си ги испратат барањата до Уставниот суд. Исто така, тие не отстапуваат и од барањето прво да биде направено линераното зголемување на пензиите подеднакво за сите пензионери, а дури потоа да има зголемување на минималната плата за работниците.

„Здружението, Владата, Министертсвото и Фондот да се усогласат, да смогнат сили и дса го удоволат ова барање на пензионерите. Во спротивно, ние сме во преговори со адвокати и еминентни универзитетски професори за да разговараме и ние не сакаме тие да ни поднесат барање до Уставен. Ние ќе си го поднесеме барањето, ако имаме право, а сметам дека имаме право, бидејќи и ние сме државјани на Република Македонија“, – вели ВЕРЧЕ ЈАНЧЕСКА, пензионерка од Прилеп.  

„Јас имам 23 години стаж. Кога ми ја пресметуваа пензијата, се сметало од 15 до 25 една ствака. Со 13 години останав неплатен стаж. И последните години работев со платени продонеси на пола и тоа дојде до израз да земам 12.300 денари“, се жали пензионер од Прилеп.

  Револтот кај македонските пензионери, кои веќе половина месец секојдневно се по улиците во речиси сите градови во Македонија во услови на изгор-температури, кулминираше на почетокот од неделава со масовниот протест во Скопје. Вториот ваков протест, доколку не се исполнат нивните барања: минималната пензија да биде 18.000 денари, плус зголемена за 3.500 денари за сите, како и повисоки надоместоци, македонските пензионери го најавуваат за 20-ти септември кој е и Ден на пензионерите. Инаку, во Македонија има 339.000 пензионери. Повеќето од половината од нив живеат со минимални пензии до 13.000 денари.

  Каролина Дурло