По осумнаесет месеци натегања конечно започнува реконструкцијата на влезот од Прилеп кон Крушево
Започнува реконструкцијата на главната локална аорта, но и една од црните сообраќајни точки која Прилеп го поврзува со општините Крушево и Кривогаштани, во должина од 2.130 метри. По година и пол натегања со Министерството за транспорт и врски околу комплетирањето на потребната документација, општина Прилеп конечно го доби долгоочекуваниот потпис од министерот Бочварски за реализација на овој значаен инфраструктурен проект, а кој беше и еден од предизборните ветувања на актуелниот градоначалник.
„Со подобрувањето на патната инфраструктура, создаваме погодни услови за зајакнување и унапредување на бизнис-климата во нашата општина, а со тоа и да обезбедиме реализација на што е можно поголем број на проекти од капитално значење за нашиот град“, – напиша на својот фб-профил градоначалникот Борче Јовчески.
Инаку, овој проект, 18 месеци беше заглавен во бирократските лавиринти на релацијата локална – централна власт, за што на повеќе наврати и јавно реагираа од општина Прилеп, жалејќи се на опструкции.
„Проект кој што е финасиран од Светската банка и имплемнтиран од Министертсвото за транспорт и врски во вредност од над еден милион евра за кој што се трудевме, и покрај сите опструкции, кој што проект ни беше неколкупати враќан на ревизија, да ги завршиме и измениме сите потребни технички работи и документација“, – рече во својот отчет, градоначалникот Борче Јовчески. (11.11.2022)
Неодамнешното потпишување на договорот, помина без присуство на медиумите. Ниту ресорното Министерство, ниту министерот Бочварски како имплементатори на проектот, не почувствуваа потреба да ги поканат и новинарите, иако станува збор за исклучително важен проект дури за три соседни општини..
Каролина Дурло