По Османи и Груби распука по Царовска -Се продлабочува судирот меѓу ДУИ и СДСМ

Продолжуваат препукувањата меѓу владините коалициони партнери во врска со скандалот за злоупотреба на 19 милиони евра од Фондот за пензиско осигурување. Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Артан Груби ја посочи министерката Мила Царовска како најодговорна во случајот со појаснување дека таа веќе две години раководи со Министерството за труд и социјална политика, и ако биле направени погрешни трансфери во Пензискиот фонд, тие се направени во нејзино време.

-Министерката е две години на таа функција и ако биле направени овие погрешни трансфери, тие се направени и во нејзино време, бидејќи трансферите се прават од Министерството со кое раководи таа. Значи одговорноста треба да се бара најпрво кај неа, а потоа и кај другите. Во целиот овој период ние сме имале низа министри. Додека поделбата во првиот и вториот столб е направена од времето на Владата на СДСМ-ДУИ уште од 2003 година. Затоа, сакам да кажам, ако има било какви докази таа требала да се обрати во обвинителството и во надлежните органи, а не на прес-конференција, рече Груби.

Вице-премиерот Бујар Османи вчера во име на ДУИ се закани со пријави против сите што ја вмешуваат партијата во скандалот, а изјавата на Царовска за злоупотребите во Фондот ја нарече несреќна. Груби пак, смета дека се работи за неумесна изјава од министерката која, според него, изгледа се уште мислела дека раководи со невладина организација, а не со толку важно министерство, порачувајќи и во иднина да внимава што зборува при јавните презентации.

За опозицијата целиот скандал е всушност измислен со цел да се покрие фактот дека се намалуваат пензиите, но во експертската јавноста се повеќе се говори дека односите меѓу коалиционите партнери навистина се затегнати поради многу причини, а дека СДСМ го искористила моментот за да ги дисциплинира своите албански сојузници. Од друга страна формално се сугерира дека проблеми во коалицијата нема и дека сите заедно се фокусирани на европските перспективи.

Драган Милосављевиќ