По неколку години празни ветувања, обиколницата за тешки товарни возила од кај Плетвар ќе почне да се гради напролет

Прилепчани ќе можат да здивнат. Престојната пролетна градежна офанзива во Прилеп, конечно ќе треба да ја опфати и изградбата на прекупотребната, со години ветувана обиколница, наменета за тешките товарни возила, а кои сега транзитираат низ центарот на градот. Според Христијан Мицкоски, таа заедно со уште неколку други капитални проекти, треба да ја подобри патната инфраструктура во општината која останала како рецидив од неработењето на претходната локална власт.

„Бидејќи општината немаше доволно проекти, изминатиов период се проектираше, се работеше. Во фаза на подготовки се уште два други проекти, а тоа е позната обиколница од „Сивец“ за да не доаѓаат тешките камиони овдека во Прилеп, туку да го заобиколуваат Прилеп, а исто така и влезот од кај Македонски Брод, кој исто така е во фаза на подготовка“, – неодамна најави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Изградбата на обиколницата „Сивец“ на прилепчани им беше ветена уште во април 2018-та година, од страна на тогашниот ресорен министер Горан Сугарески. Тогашниот градоначалник, Илија Јованоски пак, вети дека обиколницата ќе биде готова до крајот на неговиот мандат, што не се случи. Неисполнетите ветувања, низ сиве овие години ги револтираат жителите од улиците каде секојдневно транзитираат педесеттонските камиони. Тие дури излегуваа и на протести, барајќи итно решение на проблемот.

Кога ќе врват, куќите се тресат. Испукано има ѕидови на постари куќи што се големи камиони, со голема тежина од 30-40 тони, нон-стоп во текот на денот по 50-60 поминуваат, и ноќе, некој во 4-5 часот поминува овде, те разбудува дури, кога ќе почнат да лупаат“. (април, 2021 г.)

„Тоа е ветено многу одамна, дека ќе излегува од Езеро на автопат. И стварно жалосно е како не можат да изградат 5 км пат, затоа што овде врват и преку 1000 коли. Јапонците направија под океан автопат, овде не можеме да изведиме еден пат за да ги извадат камионите каде што нема да им пречат на луѓето“. (април, 2021 г.)

Инаку, оваа обиколница треба да биде во должина од 6 км, а трасата е од Рудникот „Сивец“ до Регионалниот пат кај Плетвар.

Каролина Дурло

Advertisements