По неколкугодишно пролонгирање, привршуваат градежните работи на Детската градинка за 250 деца од Прилеп

    Конечно, финишираат градежните работи на Детската градинка во Прилеп со капацитет за 252 деца, а чие ставање во употреба низ изминатите три-четири години, иако беше ветувано од претходната локална власт, сепак не беше докрај и реализирано. Вредноста на овој проект, кој со години е насушна потреба на голем број родители чии деца се наоѓаат на долгите листи на чекање, изнесува околу 2 милиони евра, општински пари и до неодамна не бил уплатен ниту денар.       

   „За жал, можам да потврдам дека огромниот дел од дозавршувањето на Градинката, исто така и наследувањето на целокупниот долг за исплата остана на ЛС и можеме со гордост да се пофалиме дека со домаќинско менаџирање веќе вративме 37 милиони денари…Наследена е без денар исплата, значи сето она коешто е започнато со исплата е во новиот мандат. Договорот е во наредните три години да биде исплатена сета сума“, – рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

  Инаку, изградбата на оваа Градинка како идеен проект беше планирана уште од времето на претходната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ. Но во 2018-та година, по промената на власта, овој проект влезе во програмата на претходниот градоначалник од СДСМ, па камен-темелникот беше поставен дури во април 2021 година, со оптимистичко ветување дека Градинката ќе биде готова за 7 месеци, што не се случи.

   Сега на потег е Министерството за труд и социјална политика, вели градоначалникот Јовчески и додава дека токму од ажурноста на Министерството ќе зависи и конечното отворање на Градинката во првите два-три месеци од наредната година.

 „Тука треба да дојде до израз обврската на МТСП кое што треба да се погрижи за обезбедување на енетриерот во Детската градинка“, објаснува Јовчески.

  Новата Детска градинка се простира на површина од 5.030 метри квадратни и е со приземје и кат. Има 10 простории за занимални и три за детски јасли. Објектот има централно подно греење, фотоволтаици на зелениот покрив и ги задоволува сите европски и светски стандарди.

   Каролина Дурло        

Advertisements