По неколкугодишна закоченост, Општина Прилеп ќе го ажурира издавањето на градежните дозволи

  • По неколкугодишна закоченост, општина Прилеп ќе го ажурира издавањето на градежните дозволи и на решенијата за легализација –

   Во општина Прилеп која до 2016-та година важеше за лидер во издавањето на решинија за легализирани дивоградби, како и на дозволи за градба, последниве неколку години, овие процеси беа целосно закочени. Претходната локална власт, за целиот свој мандат издаде едвај неколку вакви решенија, а додека претходно тие се издаваа на неделно ниво. Ова, создаде револт кај граѓаните кои со години имаат комплетна документација за да ги легализираат своите имоти, но како што велат, постапката им е заглавена во надлежните општински служби.

   Иста, ако не и потешка е состојбата и со издавањето на градежните дозволи за изградба на нови објекти што предизвика сериозен застој во развојот на локалниот градежен бизнис. Градежниците велат дека во последниве пет години, бројот на издадени одобренија за градба се броел на една рака, состојба која е поразителна за нивните бизниси. Некои од нив тврдат дека за градби на свое земјиште и со комплетна градежно-техничка документација, и по повеќе од две години не успеале да дојдат до одобрението за реализација на проектот.

  Имајќи го предвид сето ова, актуелниот градоначалник Борче Јовчески, уверува дека на решавањето на овој проблем новата локална власт веќе интензивно работи.

  „Неколку години, Урбанизмот немаше, или имаше издадено само една или две дозволи. Преземени се нагли, интервентни чекори со измена на кадарот и на персоналот којшто под итно почна разгледување и решавање на тие одобренија за издавање, се разбира правно издржани и во законски рамки. И сметаме дека до крајот на годинава, значи декември и почетокот на 2023 година, Прилеп ќе изгледа на едно огромно градилиште со многу нови објекти“, – вели Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

  Инаку, во изминатите пет години, на територијата на општина Прилеп беше изградена само една поголема станбена зграда, чиј сопственик е во родниски врски со претходниот градоначалник, а според шпекулациите во градот, екс-градоначалникот, неофицијално, бил косопственик на тој објект.

Каролина Дурло    

Advertisements