По законот за двојазичност Владата се правда – македонскиот бил единствен официјален јазик

Објавувањето на законот за двојазичност ја вознемири владината служба. Откако и официјално преку објавување во службен весник стапи во сила и албанскиот се става на исто рамниште со македонскиот јазик – Владата експресно преку соопштение се брани се ширеле лажни вести за неговата примена. Македонскиот јазик останувал единствен службен јазик на целата територија на РМ и се однесувал на сите немнозински заедници.

-Законот за јазиците ги унапредува правата на сите немнозински заедници и не предвидува нови вработувања, а македонскиот јазик со кирилското писмо останува единствен службен јазик и на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, велат во денешното соопштение од Владата.

Иако се правдаат дека законот нема да донесе нови вработувања во администрацијата, сепак не одрекуваат дека Агенцијата која ќе биде задолжена за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните ќе ги опслужува општините и другите институции во оние населени места каде што мнозинството граѓани се Македонци.
Дали наведените 20 проценти, се политичката причина поради која претстојниот попис ќе се изврши без графата за етничка припадност?
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во декември објасни како политиката интервенирала за да биде исклучен овој клучен белег.

Македонија не губи ништо со овој закон, е официјалниот став на Владата, туку добивала многу за затворање на последното отворено прашање од Охридскиот рамковен договор – целосна јазична рамноправност.

Со стари податоци и по 16 години Македонија останува единствена земја на Балканот која нема целосна слика за демографските движења, а уште помалку пак колкав е бројот на граѓаните од сите етнички заедници. Ако се остварат најавите пописот во 2020-та да се спроведен без клучната графа за етничка припадност, Македонците никаде нема да бидат забележани како посебен народ во сопствената држава. Во петте пописни циклуси во историјата на Македонија ниту еднаш не била исклучена етничката припадност.

Нејасно е и што ќе покажат бројките кои би се добиле од таквиот попис, ако не се знае колку од вкупното население се Македонци, Албанци, Турци, Срби и останати. На последното попишување во 2002-та албанското население изнесувало 18,9% од вкупното население во Македонија.

Ивана Соколовиќ Најдова