По една година од земјотресот во Битола општината ја заврши проценката на штетите

        По точно една година од земјотресот кој лани на 9-ти јануари ја погоди Битола, надлежната општинска Комисија за проценка на штетите, по претходна стручна обука, веќе ја заврши својата работа. А и Советот на Општината на последната седница пред самиот крај на минатата година даде зелено светло за изготвениот елаборат со кој 2.800 граѓани побаруваат обесштетување и тој е веќе испратен до Владата. Според првичните очекувања, обесштетувањето треба да започне најрано во мај, но конечната одлука зависи од Владата, вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

  „Во моментов сега, одлуката за усвојување на елаборатот со прилог-документацијата е испратена до надлежната Комисија во Владата на РМ. Во моментов, значи се чека постапување од страна на надлежните комисии при Владата кои треба да донесат одлука во врска со исплатата, начинот на исплата, повратно да ја известат Општината, по што ќе можеме да извршиме исплата за направените штети. Кога и како тоа ќе се случи, навистина не знам да ви одговорам“ – ни изјави за Алфа, Тони Коњановски, градоначалник на Битола.

   Ланскиот земјотрес не предизвика штети само на индивудални куќи, туку и на неколку значајни културно-историски објекти. Штети имаше и во Болницата, како и во неколку детски градинки, но тие се веќе санирани.

  „Повеќе штети имаше во делот од пограничните села кои граничат со Република Грција и таму навистина на стари објекти, дури и на цркви и историски споменици имаше оштетувања и сето тоа го утврди Комисија во состав од инжењери во Општина Битола, која по одреден распоред во дел од своето работно време што беше макотрпна работа за да ги поминат сите тие околу 2.800 пријави за барање на штета“ – кажа Коњановски. 

   Инаку, според Законот, надлежната Комисијата при Владата има рок од четири месеци за да се произнесе по веќе доставениот елаборат околу исплатата на штетите.

  Ланскиот земјотрес се случи на 9 јануари во 22.43 часот. Беше со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала, лоциран на македонско-грчката граница, поточно со епицентар во Леринско и предизвика голема паника и кај битолчани кои ноќта ја поминаа надвор од своите домови. Серија посилни потреси имаше и во наредните неколку дена.

Каролина Дурло

Advertisements