По Бугарите и со Грците ги „договараме“ учебниците по историја и географија

Подготовка за нови промени во учебниците, овој пат со грчка асистенција. Македонски и грчките експерти за историски, археолошки и образовни прашања, кои Согласно Договорот од Преспа треба да ги испеглаат разликите во толкувањата на историските контексти, го одржуваат вториот состанок, но според македонската страна, ова ќе бидат први суштински разговори при што ќе се „отворат“ учебниците по историја и географија за основно образование.

Амбасадорот Виктор Габер кој го предводи македонскиот тим експерти објаснува дека целта на овој процес не е бришење на делови од учебниците, туку нивна адаптација која треба да биде во интерес на зближување двата народ.

– Даваме предност на разгледување на наведените карти и симболи во овие учебници што кај младите формираат мислење, а со тоа сакаме тие да имаат прифатлива реалност за соседот – вели амбасадорот Виктор Габер кој очекува во процесот да се земе предвид меѓународното искуство, особено она што е кодифицирано во меѓународните документи на Советот на Европа и УНЕСКО.

Грчката страна меѓутоа е многу поконкретна. Заменик-министерот за надворешни работи Маркос Боларис, кој е на чело на грчкиот експертски тим, уште претходно ги објави трите барања што ги доставиле до македонската страна на првата средба во Солун: наставниците и професорите да избегнуваат материјали што содржат иредентизам и ревизионизам, од учебниците да се исфрлат антички грчки симболи и да се отстранат картите на голема Македонија.

-Комисиите се формирани од извонредни експерти, кои целосно ја разбираат работата што треба да ја направат, темелно ја познаваат историјата на двата народа, ги почитуваат меѓународното право и европското законодавство и се во позиција да донесат правда и да ја прикажат историската вистина, отстранувајќи ги пропагандните потточки, илустрациите и мапите што ги модифицираа учебниците во последните децении, изјави тогаш Боларис.

Првиот состанок на Заедничкиот интердисциплинарен комитет се одржа во Солун, на 2 ноември, минатата година. Во иднина средбите би требало да зачестат, за веќе од следната учебна година да се отстранат спорните точки, карти и илустрации од наставните програми и од учебниците.

Драган Милосављевиќ