По алармот на Алфа, Спасовски реагира: Граничниот премин Џепиште- Требиште треба да добие струја

Иако речиси две години како Оливер Спасовски е министер за внатрешни работи во Владата на премиерот Зоран Заев, сторијата на Алфа за катастрофалните услови во кои работат полициските службеници од Македонија и Албанија,  на заедничниот граничен премин Џепиште- Требиште, беше причина Спасовски да покаже интерес како поминува еден нивни работен ден.

Вработените таму се без вода, со расипан тоалет, поради што физиолошките потреби мора да ги извршуваат во природа, акумулатори пак се извор на струја. Токму електричната енергија според првиот човек на МВР е најголемиот проблем, кој можеби ќе биде решен до мај оваа година. Кога ќе добијат вода и тоалет пак останува отворено прашање.

-Преминот Џепиште- Требиште има најголем проблем заради тоа што не е електрифициран и тој е отворен, само колку да биде отворен. Јас преземав иницијатива Министерството за внатрешни работи прво да обезбеди електрификација на овој премин. Информацијата вчера што ја добив од ЕВН е дека сите градежни би завршиле некаде до крајот на мај месец, да ја направиме електрификацијата, изјави Спасовски.

Спасовски отиде и контра себе, велејќи дека дури сега се заинтересирал за условите во кои работат службениците на граничниот премин близу Дебар, иако како што стои во соопштението на МВР од 15 јануари оваа година, тој го информирал својот албански колега Сандер Лешај дека се преземаат мерки за подобрување на условите и инфраструктурата на граничниот премин Џепиште- Требиште.

-Министерот Спасовски информираше и дека македонските власти ги преземаат неопходните мерки за да се подобрат условите и инфраструктурата на граничниот премин Требиште- Џепиште, пишаа во соопштение од МВР на 15.01.2019 година.

За состојбите на овој граничен премин реагираа и од Независниот полициски синдикат.

-Оваа е таа жална ситуација за која НСП бурно реагираше Полициски Службеник кој својата работа ја извршува во времен објект без вода, струја, тоалет во нестандардни услови замислете за земја која претендира да стане членка на ЕУ, оваа е таа ситуација за која Господа од Министерството ние зборувавме пред една недела, ова е тој жив срам кој не тера да се бориме против очајот кој се трудите да го претставите како успех, изјави портпаролот на НСП, Дејан Саздов.

Полициските службеници кои секојдневно се таму не сакаа пред објективот на Алфа да говорат за условите во кои работат, но зад камерата кажаа дека тие се далеку под сите човечки стандарди.

Матеја Петровски