Почна расправата за Предлог – буџетот за 2019 година

Најголемиот буџет во историјата на Македонија стигна пред пратениците. Со него државата планира да собере 3.4 милијарди евра од фирмите и од граѓаните а да потроши 3.7 милијарди евра со што буџетскиот дефицит ќе изнесува речиси 300 милиони евра или 2.5% од БДП. Јавниот долг, во кој влегуваат и позајмиците од јавните претпријатија и други институции, треба да расте уште повеќе од државниот, да се зголеми за 600 милиони евра и да надмине 54% од БДП.
Сепак, најголема промена е воведувањето прогресивен данок од следната година на што опозицијата бурно реагираше.

Во експозето пред пратениците министерот за финансии се правдаше дека со новиот систем ќе биле обезбедени повеќе пари за посиромашните.

Опозицијата смета дека Предлог – буџетот е мегаломански и популистички и нема да ја поттикне економијата која и сега се соочува со сериозни проблеми.

Капиталните инвестиции, повторно се проектирани на високо ниво од 418 милиони евра. По катастрофалните резултати годинава, и намалувањето до 300 милиони со ребалансот на буџетот, останува дилемата дали и сега тие ќе останат само на хартија.

Во 2019-та, Владата планира да потроши 320 милиони евра или 33 милиони евра повеќе од 2018-та за стоки и услуги и покрај тоа што претходно вети дека ќе ги сведе на минимум непродуктивните трошоци. 7 милиони евра народни пари треба да завршат за купување возила и мебел.

За пензии треба да се потрошат рекордни 917 милиони евра, од кои 457 милиони се директен трансфер од буџетот. Нешто повеќе или 460 милиони евра треба да чинат платите за административците догодина.
Буџетот за следната година е скроен врз основа на проекции за раст од 3.2% исто како и годинава. Инфлацијата треба да изнесува 2%.

Биљана Божиновска