Почна вакцинацијата за ротавирус – календарот за имунизација и официјално е проширен

Календарот за имунизација збогатен за две вакцини – од денеска дополнителните боцкања против ротавируси и пневмокок се задолжителни. Лекарите велат дека потребата бебињата да мора да ги примат и овие вакцини е оправдана бидејќи, според нив, ова е единствен начин да се спречат тешки заболувања и сериозни компликации по здравјето на најмалите од опасните бактерии и вируси.

-За рота вирусот е комплетно нова вакцина, а втората, која досега не беше задолжителна, односно по избор, е против пневмокок. Таа сега се воведува како дел од редовниот календар. Овие болести можат да доведат до компликации, до едногодишна возраст, а целта е заштита на децата од вакви компликации, зато се примаат до 12 месеци. Целта вакцините да се задолжителни е оправдана, вели Д-р Александар Ристовски.

Вакцината против рота вирусот спречува развој на симптоми на заболувањето како што се дијареа, повраќање, стомачна болка и дехидратација. А речиси секое второ дете во градинка ја добива бактеријата стрепоткока која може да предизвика тешки форми на пневмонија.

-Иако се лечи со антибиотик, меѓутоа во толку рана возраст, би можела да доведе до компликации како пневмонија. Нема потреба да се дојде до вакви состојби, доколку имаме достапна вакцина, вели д-р Ристовски.

Со воведувањето на двете вакцини за ротавируси и пневмокок, децата во предучилишна возраст ќе имаат 8 задолжителни вакцини.

Сања Трајковска Ставров