Почина Михаил Горбачев – Последниот претседател на СССР

По долго боледување, почина Михаил Сергеевич Горбачев, последниот претседател на советскиот сојуз и човекот кој одиграл клучна улога за ставање крај на студената војна со што се кренала железната завеса во Европа.

Од 1985 година до распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Горбачев спровел масовна ревизија на економската и политичката состојба во својата земја.

Неговите темелни политички реформи наречени „гласност“, или „отвореност“, и „перестројка“, односно реконструкција, помеѓу другото, дозволиле претходно незамисливи критики кон комунистичката партија и државата, но, исто така ги охрабриле и повиците за независност на советските републики.

Рускиот претседател Путин изрази длабоко сочуство до неговото семејство и истакна дека бил човек со огромен придонес врз текот на светската историја.

„Михаил Горбачов беше политичар и државник кој имаше огромно влијание врз текот на светската историја. Тој ја водеше нашата земја во период на сложени, драматични промени, економски и социјални предизвици. Се обиде да понуди свои решенија за итните проблеми“ – Напиша во телеграма рускиот претседател Владимир Путин.

Безмалку сите светски лидери се простија со човекот кој ги спроведе најголемите реоформи во источниот блок. Претседателот на Соединтетите американски држави, Бајден, истакна дека тој бил човек со инзвонредна визија.

„Како лидер на СССР, тој работеше со претседателот Реган за да ги намали нуклеарните арсенали на нашите две земји, на олеснување на луѓето ширум светот кои се молеа за крај на трката за нуклеарно вооружување.“ – Напиша претседателот на САД, Џозеф Бајден.

Во 1988 година, Горбачев започнал со повлекување со советските сили од Авганистан, ја напуштил доктрината на Брежњев, со што им дозволил на нациите од источниот блок сами да ја изберат својата внатрешна политика, што пак довело до серија револуции во источна Европа и распад на советскиот сојуз

Како последен советски лидер, Горбачев склучи и договори за ракетно разоружување со Соединетите американски држави и бројни партнерства со западот за да ја отстрани железната завеса што ја поделила Европа по Втората светска војна, што пак резултирало со обединување на западна и источна Германија.

Тој воспоставил блиски односи со клучните западни лидери, како што е Маргарет Тачер, западно-германскиот канцелар Хелмут Кол како и американскиот претседател Роналд Реган.

На 11 октомври 1986 година, Горбачов и Реган се сретнале во Рејкјавик за да разговараат за намалувањето на нуклеарното оружје со среден дострел во Европа. Ова довело до потпишување на Договорот за нуклеарни сили во 1987 година.

По што во 1990 година, ја добил Нобеловата награда за мир „за водечката улога што ја имал во радикалните промени во односите Исток-Запад“.

Инаку, иако бил многу ценет во светски рамки, неговиот углед и популарност дома бил значајно низок поради неуспехот да ги задржи границите на советскиот сојуз.

Никола Цветкоски