Почина Кит Флинт, пејачот на „Продиџи“

Кит Флинт, еден од основачите на култниот бенд „Продиџи“ бил пронајден мртов утрово во 8 часот по локално време во својот дом во Есекс, Британија.

Според информациите од полицијата, не станува збор за насилна смрт, но причините дополнително ќе се утврдат.

Продиџи се еден од светски мегапопуларните бендови кои ја посетија и Македонија. Се појавија на почетокот на 90-тите години од минатиот век доаѓајќи од андерграунд рејв сцената и издигнувајќи се до еден од најпознатите британски бендови во 90-тите.

Фановите најмногу ги помнат по хитовите „Firestarter“ и „Breathe“ со кои дојдоа до врвот на британската топ листа, а групата имаше и шест бр.1 албуми.

Кит Флинт стана икона на британската музичка сцена поради своите енергични настапи, специфичната фризура и тетоважите. Музичарот имаше 49 години.