Почеток на крајот на уставните измени – опозицијата кажа децидно „не“

Само два часа и дваесет минути беа доволни за комисијата за уставни прашања да донесе заклучок дека има потреба од отворање на највискиот правен акт. Со 10 гласови ЗА, сите од владејачкото мнозинство, и 7 гласови ПРОТИВ помина ваков заклучок.

  • „Со 10 гласа ЗА, 7 против и 0 воздржани се освојуваат ваквите заклучоци“ рече Талат Џафери на крајот од комисиската седница.

Владиниот предлог, за уставни измени, пред пратениците дојде да го правда премиерот Ковачевски. Тој вели нема да ги убедувал пратениците да поддржат нова уставтна промена, но им порача да се однесувале државнички и да го подржат интеграцискиот пат на Македонија како стратешка цел.

  • Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска. А дали ќе се случи пак годинава, вие во парламентот ќе одлучите. Европските претставници предупредуваат дека постои ризик од одвојување на Северна Македонија и Албанија ако пред крајот на годината не се усвојат уставните измени. Тоа значи дека тие не се диктат, туку дел од преговарачката рамка со ЕУ“, рече Ковачевски.

Сите опозициски пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, вкупно седум на број, гласаа против. Уште еднаш порачаа НЕ уставни измени по бугарски диктат.

  • „Уставни измени под диктат и уцени се невозможни и никогаш нема да ги поддржиме, зашто тоа е директно кршење на суверенитетот на една земја. Суверенитетот произлегува од народот, а 80 проценти од народот вели ‘не` за вакво насилство од страна на власта. Имаме глува и слепа власт, која за ден повеќе на функција, спремна е да направи отстапки до целосно рушење и обезличување на државните и националните интереси“, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од пратеничката група на СДСМ, пак, само ги повторија ставовите искажани од премиерот.

  • Со внесувањето во Преамбулата на Уставот, бугарската заедница во Македонија ги прифаќа и признава одлуките на АСНОМ за македонската држава, за македонскиот јазик и за македонскиот јазик како темелни принципи врз кои почива современата македонска држава. Оваа шанса што ја имаме пред нас е една и единствена, сметам дека поголемиот дел од пратениците во Собранието ја гледаат европската перспектива како вистинска, најдобра перспектива за државата и граѓаните, рече Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа и против дневниот ред и против заклучокот и рекоа дека нема ни да дебатираат. Ги повикаа колегите од СДСМ и ДУИ веднаш да се премине и на пленарна седница за да се види дека не постои потребното двотретинско мнозинство.

Сепак, иако комисиската расправа заврши екпресно, главната седница е закажана дури за 18 август кога власта треба да покаже дали го има 2/3 мнозинство за да се изгласа потребата од отворање на Уставот. Џафери си ја скрати постапката, па на комисијата беше изгласан и заклучок за подготовка на нацрт – амандманите кои владата треба да ги достави 15 дена откако 2/3 од пратениците евентуално би гласале „ЗА“ уставни измени.

Викторија Миткова

Advertisements