Потребни се реални ветувања оти во бизнисот нема чуда

Од земја која што имаше огромен вишок на невработени луѓе, дојдовме во ситуација, да не можеме да испорачаме кадар за стопанството и тоа е многу сериозно прашање, кое ние го ставаме во приоритет. Исто така, потребно е да се даваат реални ветувања, оти во бизнисот нема чуда, рече претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески на денешната работна посета на битолската млекарница “Бимилк“ во Битола.

– Македонија се наоѓа во проблематична фаза на својот економски развој, заради тоа што потенцијалите кои постојат и опкружувањето со моменталните состојби и амбиентот со сите елементи, зборуваат дека ние тешко можеме да оствариме раст кој ќе не приближи до земјите членки на Европската унија, каде што ние се стремиме. Тие оценки се јасно изразени и македонската јавност треба јасно да ги знае, дека раст од 6% или 7%, кој што би не приближувал до тоа, е тешко остварлив во наредниот период – рече претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, запрашан какви се видувањата на Стопанската комора за оценките на Светската банка.

Мора да се отстранат три диспаритети што постојат-несразмерноста помеѓу капиталот и трудот, неодржливиот однос помеѓу активното и издржуваното население на краток и на долг рок и преземените обврски и при промена на власта, да се почитуваат европските принципи, беше речено на денешната средба во Битола. Во врска со проблемите во млечниот бизнис, беше речно дека е евидентен дефицитот на суровина.

– Во моментов, во Македонија недостасува сирово млеко и се бориме тоа да го надоместиме и на терен работиме со сите наши кооперанти, а истовремено бевме едни од најголемите поборници за промени на некои мерки и политики од страна на Владата, за да биде постимулативно за сточарите – рече Ѓорги Петрушев, директор на “Бимилк“.

Земјоделието и прехранбената индустрија го немаат добиено своето место кај нас и мислиме дека има поголем потенцијал за развој, а Владата треба да се поттикне во тој правец. Затоа, во месец мај Стопанската комора ќе организира голема конференција на која ќе го отвориме прашањето за развој на земјоделскиот и прехранбениот сектор, зашто мислиме дека се даваат огромни средства од Буџетот, додека податоците велат дека тоа не се реализира на ефектен начин како што треба, рече Азески на денешната средба со битолските новинари.

Петар Стефановски