Потпишан протоколот за НАТО – Република Северна Македонија ќе биде 30-та членка

Се потпиша Протоколот за членство во НАТО – Македонија ќе стане 30ти сојузник на Воената Алијанса и е на чекор од полноправно членство. Амбасадорите на 29 земји членки го ставија својот потпис, а генералниот секретар Јенс Столтенберг оцени дека ова бил историски ден.

Уверен сум дека процесот за ратификација во Атина ќе помине лесно – порача првиот човек на Алијансата. Импресиониран бил од силната волја на Заев и Ципрас кои го решиле спорот за името и обезбедиле стабилност во регионот.

– Тоа беше тежок пат, исполнет со компромиси. Долго време Ве чекавме да ни се приклучите во семејството. Учествувате во мисиите на НАТО и ги исполнивте реформите потребни за да станете 30-та членка на НАТО. По потпишувањето следува процесот на ратификација и не се сомневаме дека ќе биде ратификуван во сите држави членки. Очекуваме да ги продолжите реформите потребни и за членството во ЕУ, со која делиме заеднички вредности. Од денес вашите претставници ќе се придружат како поканети гости на состаноците на НАТО, кажа Столтенберг.

Столтенберг кажа и дека Македонија ветила да ги дуплира трошоците за одбрана. Имало јасна обврска од страна на Владата на Скопје да се трошат 2 проценти од БДП до 2024 година.

Во следните денови конечно ќе го решиме последниот спор што го имаме со еден наш сосед, кажа Димитров, мислејки на последната фаза од имплементација на Преспанскиот договор. Република Македонија која наскоро ќе стане Реппублика Северна Македонија поминала долг пат до потпишувањето на протоколот за пристап и била подготвена за обврските од членството во НАТО. Се заблагодари на Заев и Ципрас и го поздрави бугарскиот премиер Борисoв.

  • Македонија наскоро ќе биде Северна Македонија во согласност со договорот од Преспа. Остварувањето не делуваше веројатно, туку се должи на лидерството на Зоран Заев и на Алексис Ципрас кои го поплочија патот кон помирувањето и докажаа дека невозможнотото е возможно. Го поздравувам и бугарскиот премиер Бојко Борисов поради договорот за добрососедство, што исто така придонесе за овој чин. Патувањето не е завршено, но веќе не сме сами, туку со 29 сојузници. Ќе работиме на реформите за нашата армија да биде во согласност со стандардите на НАТО, кажа Димитров.

Македонија по 25 години, откако на 23 декември 1993 година реши дека НАТО е стратешка цел, успеа да добие отворена врата но со променето име. Процесот не завршува тука – за земјата да стане полноправна членка мора да се изврши ратификација на членството во сите 29 земји сојузници. Првото гласање ќе биде овој петок во грчкиот парламент. Се очекува жестока дебата, имајки во предвид дека ова е последниот чекор од имплементација на Преспанскиот договор, кој по гласањето во петок ќе стапи на сила и по 27 години ќе донесе ново име на земјата – Република Северна Македонија.