Поставени новите табли на спомениците – Граѓаните вознемирени што сами си ја бришеме историјата

Александар Македонски или „Воинот на коњ“ на ова спомен обележје од денеска не е дел од македонската туку споменик кој ја претставува античката хеленска историја и цивилизација. По насоките на владата денеска влезе во сила одредбата или чл.8 од Преспанскиот Договор со кој што треба да бидат поставени овие табли кои ќе укажуваат дека спомениците кои се наоѓаат во центарот на Скопје, но и секаде каде е претставено Сонцето од Кутлеш – се споменици кои припаѓаат на античката хеленска историја и цивилизација.

Откако од утрово работници ги ставија таблите по спомениците, граѓаните со неверување и револтирани од односот на власта велат дека по Преспанскиот Договор на Македонците им е одземено се.

Сонцето од Кутлеш од вчера со брусалица беше изгребано од капаците на шахтите каде беше истакнато ова обележје. По насоката на Владата и општините треба овој историски симбол да го тргнат од сите јавни места, но и да направат интервенции од знамето и грбот кои во целост го имаат превземено 16-кракото сонце, или пак варијации на оригиналот.

Но не само во Скопје, и Битола и Прилеп ќе треба да постават табли на спомениците на Александар Македонски и Филип Втори со кои на граѓаните, но и туристите ќе им кажат дека ова се историски личности и споменици кои припаѓаат на античката хеленска историја и цивилизација.

Со ова Македонската го исполни договореното во Преспа на кое инсистираше грчката страна и ја промени историјата во која препознаваше иредентизам.

Ивана Соколовиќ Најдова