После свадба тапани – поканата за лидерска средба задоцнета?!

Власта го прифати францускиот предлог, ги оформи работните групи за уставни измени, па после сите тешки одлуки, на кои се противеше речиси цела македонска јавност но и дел од експертската фела, препозна потреба за лидерска средба. Откако премиерот Ковачевски најави дека ќе го покани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на средба, чиј став е јасен дека неговите пратеници нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат се отвора дилемата, дали лидерската средба е задоцнета. Според поранешниот пратеник Илија Димовски, средбата Мицкоски Ковачевски би била добра да се надминат разликите, но пологично е да се разговара за предвремени избори, бидејќи како што вели, некој мора да понесе одговорност за прифаќањето на францускиот предлог без консензус.

Со оглед на тоа дека нема да се договорат за уставни измени, единствената логика е да се договараат за предвремени избори. Власта се обиде на секој начин да изврши притисок, директен или индиректен, преку странци и домашни, видоа дека опозицијата не се согласува со тоа, и затоа некој треба да има одговорност. Бидејќи францускиот предлог не доби консензуална поддршка. Затоа цената треба да се плати – вели Илија Димовски.

Вакви лидерски средби, вели Димовски, беа потребни минатото лето – кога требаше да се изгради еден општ национален консензус, како Македонија ќе постапува на патот кон ЕУ.

Лидерската средба е задоцнета, вакви лидерски средби требаше да се одржат пред прифаќање на францускиот предлог. Така, државата ќе имаше изгледна шанса да продолжи по оваа траекторија. Власта реши да го прифати францускиот предлог, без консензус. Добро е да има лидерска средба, од аспект да се надминуваат разликите. Но темата на лидерската не треба да биде францускиот предлог, туку да се разговара за тоа што после откако нема да се усвојат уставните измени, разговор за евентуални предвремени избори, да се оформи една траекторија кон ЕУ, една стратегија за односите со соседите, една патека која ќе биде консензуална – додаде Димовски.

Во каков формат ќе биде лидерската средба, дали ќе бидат присутни и лидери на други политички партии од македонскиот и албанскиот блокј, и дали веќе е испратена покана до Христијан Мицкоски, за сега нема одговор од Владата.

Според најавата на премиерот, главна тема ќе бидат уставните измени.Мицкоски пак прифати лидерска, доколку се разговара за националните и државните интереси, но и за планот, што ќе се прави откако, како што рече, нема да успеат уставните измени.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста