Последни очајни обиди на власта да ја убеди опозицијата за уставните измени

Ден пред пленарната седница за уставни измени, власта без мнозинство но и без план што понатаму, очајнички обиди да се убедат јавноста и опозицијата за потребата од отворање на Уставот.

И покрај тоа што над 80% од граѓаните се против вметнување на Бугарите во највисокиот правен акт, премиерот тврди дека пратеничките гласови не му требале нему туку на народот за да има подобра европска иднина.

„Кое е објаснувањето на ВМРО-ДПМНЕ зошто е против? Бугарски диктат е најновото. Од ЕУ излегуваат ова не е предлог на Бугарија, туку на ЕУ. Тие кажуваа ќе ја менувале преговарачката рамка, а сега не го зборуваат тоа бидејќи од САД и ЕУ рекоа дека таа е одобрена од сите земји членки како најдобро компромисно решение“, додаде Ковачевски.

Уште поочаен од премиерот е министерот за надворешни работи Бујар Османи кој преку писмо ги убедува пратениците. Тој по кој знае кој пат ја повторува лажната теза дека власта успеала во текот на преговорите да го зачува македонскиот идентитет и јазик, па дури и тврди дека измените не биле под бугарски дикатат.

Јас ги разбирам сите оние што стравуваат од можностите за натамошни обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови. Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата, пишува Бујар ОСмани, министер за надворешни работи

Додека власта се фаќа за последната сламка и се обидува со писма и раскази за убава Европа да влијае врз пратениците, опозицијата во пресрет на седницата со уште потврд став – Уставни измени нема да има, Ковачевски да се спрема за брзо заминување.

„Утре ќе се види повторно дека промена на Устав нема да има. Се што прави Ковачевски е држење на државата во заложништво заради неговата желба ден повеќе да остане на власт. Додека Ковачевски и власта продаваат магла, нивните пајташи низ државата прават криминал, договараат тендери и матни зделки, а народот се иселува. Време е Ковачевски да се исели од владата, а не народот од државата“, стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

И покрај тоа што нема двотретинско мнозинство, седницата останува закажана за утре. Како што налага Деловнико, пратениците најпрво треба да се изјаснат за предложениот дневен ред, кој се носи со 61 глас ЗА. Потоа се отвора претрес односно дебата која може да трае до десет дена. Потребата за отворањето на Уставот се носи со двотретинско мнозинство, во спротивно постапката не може да продолжи. Талат Џафери веќе најави дека по завршување на расправата, гласањето ќе се одложи на неодредено односно додека евентуално не се обезбеди мнозинство.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста