Последни два дена од предизборната кампања во Грција

Вниманието на грчката јавност е насочено кон Солун и Атина во последните два дена од предизборната кампања во Грција, бидејќи таму Алексис Ципрас и Кирјакос Мицотакис, денеска и утре ќе ги одржат нивните последни митинзи пред изборите в недела, јави дописничката на МИА од Атина.

Актуелниот грчки премиер, вечерва ќе одржи говор во Солун, а утре во Атина, додека пак лидерот на Нова демократија, обратно од него, денеска ќе се обрати пред граѓаните во грчката престолнина, а последниот ден од кампањата ќе биде во Солун.

-Солун ми носи среќа, рече Мицотакис утрово говорејќи за грчкото радио „Реал фм“ и додаде дека затоа секогаш предизборните кампањи ги завршува таму.

Според резултатите од последните две објавени истражувања на јавното мислење спроведени за две грчки телевизии, Нова демократија освојува доволен број гласови за да обезбеди над 151 пратеник колку што е потребно, за да формира еднопартиска влада.

На анкетата на агенцијата Metron Analysis за Алфа ТВ, Нова демократија има 7,4 отсто предност во однос на СИРИЗА и добива 155 пратенички места.

Во истражувањето на Alco за ТВ Оупен разликата меѓу Нова демократија и СИРИЗА е 8,8 проценти, а проценките се дека десничарско ориентираната партија ќе освои од 155 до 165 пратенички места.