Последната верзија на протоколот ги открива сите обврски на Македонија кон Бугарија, МНР демантира – бил стар документ

Менување учебници, заштита од дискриминација и заштита на културата на Бугарите во Македонија, отворање на Уставот како услов за прва меѓувладина конференција, следење и гонење на говорот на омраза кон Бугарите во медиумите и на социјалните мрежи – неофицијалната верзија на протоколот кој треба да го потпишат Македонија и Бугарија доколку се прифати францускиот предлог за надминување на спорот предвидува 17 обврски за Македонија и само две обврски за Бугарија. МКД.МК повикувајќи се на свои извоори пишува на што ќе се согласи Македонија  доколку го потпише овој документ. 

Двете страни во рок до две години да ги вклучат во наставните програми, учебници и соодветни наставни материјали, натписи на споменици, табли, информативни материјали во музеи и други предмети од образовно и културно значење, релевантни информации во електронските информативни средства во државна сопственост сите договорени резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот.

Владите на двете земји на заедничка церемонија ќе откријат обновени табли на тврдината на Цар Самуил во Охрид, кои ќе ги одразуваат препораките на Комисијата.

Македонија ќе подготви и презентира една лекција за учебникот за 7 одделениена тема Цар Самуил, во согласност со препораките на Комисијата и во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот.

Македонија до почетокот на учебната 2023-2024 година ќе ја промени содржината на учебникот по географија за 7 одделение – ова се дел од точките во текстот кој го објави МКД.МК.

За Министерството за надворешни работи, овие информации биле тенденциозен обид да се нарушел процесот на широки консултации – иако се работи за консултации за предлог кој е веќе заклучен и не може да се менува.

Во јавноста е пласиран текст на бугарски јазик, кој претставува стара и неконечна верзија, како дел од од бројните сет идеи кои во минатиот период се разменуваа меѓу двете министерства за надворешни работи. Во овој чувствителен момент, сметаме дека пласирањето на овие неточни информации претставува тенденциозен обид да се наруши процесот на широки консултации за францускиот предлог за отстранување на ветото и продолжување на европските интеграции на земјава, кој во моментов е во финална фаза во Собранието – велат од МНР.

Во отсуство на транспарентност на власта, бидејќи министерот Османи во неколку наврати ветуваше дека ќе го објави протоколот, медиумите повеќе пати објавуваа делови од протоколот. Претходно, дека се работи за „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација на Договорот за добрососедство, пишуваше и Дојче Веле. Според тој текст на протоколот македонската власт потпишала дека и бугарските институции ќе го следеле говорот на омраза во Македонија, има и патоказ до кога треба да се променат учебниците по историја и географија, и да има извинување на жртвите на репресијата од југословенскиот, комунистички режим.

Адријана Алексиеска