Пораснаа трошоците на живот во ноември во однос на истиот период лани, граѓаните се жалат – едвај врзуваат крај со крај

Растат трошоците за живот, потврдуваат податоците на Државната статистика. И покрај што, статистички бележи благо покачување на просечната плата, речиси и никој тоа не го чувствува. Граѓаните се жалат дека од ден во ден се потешко ги полнат кошниците, зашто парите не им стигале ни за лекови, а камо ли за нормална живеачка.

Гледано процентуално, според Државниот завод за статистика, трошоците на живот во ноември годинава во однос на истиот месец лани бележат раст од 1,2%, а во однос на октомври годинава намалување за 0,2%.

Според објавените податоци, цените на мало минатиот месец во однос на ланскиот, пораснале за 1,9%, а во однос на октомври пад од 0,5%.

Пораст е забележан кај свежиот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови, за 6%, замрзнатото овошје за 2,2%, сирењето за 0,9%, другите прехранбени производи за 0,8%, шеќерот, медот, чоколадото и месото, рибата и морските плодови за 0,3%. Пораст има и кај цврстите горива за 2,3%, медицинските услуги за 2,1%, обувките за 1%, домаќинството, превоз за 0,2%.

Животниот стандард може да се зголеми единствено со реален раст на економијата, но ММФ во најновиот извештај ја преполови проекцијата од 3,2% на 1,6% и ја смести земјава на последното место во регионот. Претходно и Светската Банка ги спушти очекувањата на 2,5%.

Во меѓувреме, драстично поскапе цената на лебот. Најголемиот дел од овој продукт доби повисоки цени од 5, 10, па и 15 денари. Мелничарите се правдаат дека биле принудени зашто поскапеле речиси сите продукти, а надлежните креваат раменици. Велат ако продолжело поскапувањето ќе ги активирале државните резерви. Сега, за сега, единствено обичната, бела векна леб останува по стара цена, но до кога останува неизвесно.

Борис Грујоски