Порака од Париз и Софија: Францускиот предлог идентичен како првиот, сите бугарски услови остануваат во него

Новиот француски предлог воопшто не е нов, барем ако ги слушаме пораките од Париз и Софија. Ова директно ни доаѓа од амбасадорката на Франција во Бугарија Флоренс Робин. Таа за Еуроњуз порачува дека новиот документ е идентичен со оној изгласан во бугарскиот Парламент пред една недела, а во него биле внесени сите бугарски услови.

-Предлогот, не се разликува од првиот и целосно ги штити правата на малцинствата во Заедницата, вклучително и Бугарите. Документот е идентичен со првиот, веќе изгласан во бугарскиот парламент и не треба ново разгледување во Бугарија, изјави Флоренс Робин.

Дека нема ништо ново во францускиот предлог ни порачува и шефицата на бугарското МНР во заминување Теодора Генчовска. Директно запрашана дали постои нов француски предлог кратко одговори НЕ.

-Се зависи од подготвеноста на Скопје. Од нив очекуваме државна и одговорна политика. Бугарија е подготвена да го потпише најновиот протокол од Мешовитата меѓувладина комисија, изјави Генчовска.

Дека Бугарија е сосем задоволна и од вчерашниот документ на Макрон, покажува и ставот на опозицијата. Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер на Бугарија, Бојко Борисов порача дека е време да се финализира решението од Париз и Македонија под тие услови да ги започне преговорите со Европската унија.

-Во однос на прашањето за Македонија навистина им посакувам успех на колегите во Софија за да можеме да кажеме дека Француското претседателство направи многу и да биде успешно, онака како што заслужува, изјави Борисов.

Да за најновото решение на Макрон кажаа и премиерот во заминување Кирил Петков, како и бугарскиот претседател Румен Радев, кој е посебно познат по своите цврсти ставови во однос на Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста