Поразителни бројки на „животот“: Неверојатни 84% од граѓаните би заминале од Македонија ако имаат шанса

Поразителни и огромни 83,7 отсто од испитаниците би си заминале од Македонија кога би имале шанса. Ова се резултатите од анкетата насловена „Кога би можеле, дали би заминале од Македонија“ која порталот Факултети.мк ја спроведе во период од две недели.

Во анализата на анкетата на порталот се вели: „На прашалникот анонимно одговорија вкупно 1.474 читатели. На прашањето „Кога би имале шанса, дали би заминале од Македонија?“ одговорија 1.491 читател. Од нив дури 1.234 (83,7%) одговориле со „да“, 123 (8,3%) се двоумат, додека 117 испитаници (7,9%) би останале во Македонија.“

Голема заинтересираност за образложување на причините за ваквите трендови имало во повикот на факултети.мк во рамките на анкетата, анкетираните да образложат зошто би ја напуштиле државата. Најкусиот одговор бил „За подобар живот“. Но, има и подолги и потемелни одговори. Според порталот, еден анкетиран „ја сублимирал целата реалност во неколку реченици“:

„Катастрофално лошо функционирање на сите институции. Корупција, мито, непотизам. Голема злоупотреба на должностите и функциите што им ги доверила државата. Лоша инфраструктура, лоша организација во функционирањето на сите институции. Тие што се одредени да ја организираат работата и функционирањето на институциите се неспособни, корумпирани, алчни да заработат многу за кратко време. Не постојат долгорочни планови за развој и напредок. Корумпирана полиција, судство… Здравствениот систем многу лошо организиран, нефункционален. Образовниот систем корумпиран. Факултетите се натпреваруваат кој ќе им додели (продаде) повеќе дипломи на неспособни кадри! Способните, вредните, тивките, трудољубивите… се оставени на маргините, да се снаоѓаат како знаат и умеат.“

Повеќе за анкетата и целиот текст – на факултети.мк.