Поради скапата струја се повеќе општини ги оставија парковите и игралиштата во темница

Високите сметки за струја на колена ги клекна општините. За да  заштедат градоначалниците решија, да се редуцира уличното осветлување. Во Карпош ќе свети секоја втора светилка, а ваква рестриктивна мерка  се воведува и во Берово и Пробиштип. Во Чешиново-Облешево речиси четврти месец во темно се завиени парковите и игралиштата. Се врши рестрикција и во осветлувањето на јавните објекти. Со штедењето за околу 30% успеале да ги намалат сметките. Сепак општините кои поставија штедливи светилки на уличното осветлување немаат таков проблем . Таков е случајот во Штип, каде пресметките укажуваат дека се троши 60% помалку за осветлување на градот, а заштедата во наредниот период би била над 650илјади евра.

  „Општина Штип има склучено јавно-приватно партнерство со економски оператор коишто има обврска да го оддржува уличното осветлување и да ја плаќа доспеаната фактура на месечно ниво. Не размислуваме за рестрикции туку размислуваме за проширување на постоечката инфраструктура и мрежата за осветлување„-изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Дека електричната енергија  мора рационално да се користи, советуваат и од Регулаторна. Велат цената на струјата е во драматичен раст, а трендот во  некој градови да се исклучува уличното осветлување е во доменот на општините и тие ги донесуваат одлуките.

   Градоначалниците преку ЗЕЛС побараа помош  Владата да им помогне да се справат со проблемите предизвикани од енергетската криза. Иако неколку пати алармираа дека високите сметки за струја ќе ги проголтат капиталните инвестиции и ќе се доведе во прашање функционирањето на општините и по два месеци се уште немат  добиени конкретни одговори .

Aлександра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста