Поради апарат за мерење крвен притисок евакуирано грчкото МНР

Пакет со електронски апарат за мерење крвен притисок, адресиран до потпретседателот на грчката влада, Јанис Драгасакис, беше причината за денешната евакуација на централната зграда на Министерството за надворешни работи на Грција, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на извори од полицијата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, канцеларијата на Драгасакис се наоѓа во непосредна близина на зградата на грчкото МНР, а поради рендгенска машина за проверка, сите пратки наменети за потпретседателот на грчката Влада, прво поминуваат низ контрола во Министерството за надворешни работи.

Зградата на грчкото МНР што се наоѓа во центарот на Атина, како што претходно објави МИА, денеска беше евакуирана, откако вработените при проверка на поштата забележале сомнителна пратка и веднаш ја известиле полицијата.