Популизам или отчет пред јавноста за актуелните состојби – што претставуваат пратеничките прашања?

Популизам или отчет пред јавноста за актуелните состојби – што претставуваат пратеничките прашања? Долги седници на кои половина од времето е посветено на стари прашања, генерално од пратеници на власта – ако се суди според таа атмосфера, на владините претставници ова им доаѓа одлично за зајакнување на нивниот пи-ар.

Заобиколувајќи ги темите кои ги засегаат сите, и можноста да се поставуваат критички прашања, јавноста многу пати годинава беше светок како пратениците од владејачкото мнозинство поставуваат прашања, но за да подготват терен за фалби. Дрскоста оди и до таму, што на потпрашањата им следуваат одговори прочитани од лист.

Јавноста не ретко останува без одговор и по поставени прашања од опозицијата. Деталите за одредена тема остануваат во сенка кога премиерот или министрите ќе го изгубат трпението. Без да се бираат зборови, се даваат квалификации како кодоши, крадци, криминалци, лажомани, марионети, а се коментира и домашната култура и воспитување.

Се чини дека долгометражните седници за пратенички прашања ја изгубија смислата. Најчесто тие поминуваат во знакот на тенденциозната злоупотреба за пи-ар на власта, или потрага по политички поен плус на опозицијата.

Секој последен четврток во месецот пратениците го користат правото дефинирано со деловникот на Собранието да поставуваат прашања до претседателот на Владата, до министрите или до некој од носителите на јавни функции. На нивните прашања имаат право да добијат устен одговор на истата седница или писмен во рок од 20 дена.

Адријана Алексиеска

Advertisements