Попис 2020-та: Македонија мора да го одбере помалото зло?!

Македонија ќе мора да избере меѓу две лоши опции. Или да биде избришана графата за етничка припадност и да добиеме објективни бројки за тоа колку луѓе навистина живеат во земјава или ќе има етничко изјаснување ама ќе излезе дека државата има три или повеќе милиони жители. Предлог-законот за попис на населението кој веќе е објавен од Министерството за правда, очигледно е правен врз основа на првата опција, бидејќи во него нема можност за изјаснување за етничка и религиска припадност. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски објаснува дека овие графи биле предмет на политизација на претходните пописи и дека сами по себе немаат никаква употребна вредност за пописот чија цел е „да овозможи податоци врз основа на кои ќе се градат и спроведуваат политики на развој (економски, социјални, социолошки, демографски, градежни и т.н.), како на централно, така и на локално ниво“. Политикологот и истражувач на јавното мислење, Владимир Божиновски е многу подиректен;

Со ова не се согласуваат дел од помалите етнички заедници, кои сметаат дека попис без етничка графа е вовед во нивна тивка асимилација, а гледаат и закана за нивните права кои произлегуваат токму од мултиетничкиот карактер на државата. Неколку невладини организации и фејсбук групи дури предупредуваат дека може да дојде и до бојкот на пописот доколку Предлог-законот се усвои и статистичката операција се спроведе на ваков начин. И кај најголемата заедница, македонската, постои извесен отпор, кој засега е изразен главно на социјалните мрежи, но не треба да се занемари ниту мислењето на дел од академиците во МАНУ и видни универзитетски професори кои предупредуваат дека Македонците би можеле да бидат единствената нација во светот која нема да биде забележана како посебна ниту во сопствената држава.

Драган Милосављевиќ