Попис без етничка припадност ќе ја избрише македонската нација

Ако пописот најавен за 2020-та биде спроведен без клучната графа за етничка припадност како што веќе го токми Статистика, Македонците никаде нема да бидат забележани како посебен народ во сопствената држава, реагира експертската јавност. Ако податокот за националноста не биде клучен за да се добие сликата за бројот на населението, тогаш со пописот ќе биде трајно избришана цела една нација.

Податоците за припадноста на еден народ за директорот на Статистика Апостол Симовски, немаат никаква употребна вредноста, само подлога за политизација на пописот. Па затоа наместо прашања за етничката и религиозната припадност, ќе содржи две прашања поврзани со јазикот: кој е вашиот мајчин јазик и кој јазик се говори во домаќинството.

На иста линија и дел од албанските политички  партии, велат дека пописот бил само техничко – оперативна работа, па сега со отворањето на Уставот гледаат шанса категоријата 20% да се избрише.

Нејасно е и што ќе покажат бројките кои би се добиле од таквиот попис, ако не се знае колку од вкупното население се Македонци, Албанци, Турци, Срби и останати. Засега Македонија користи податоци стари и 16 години, а оттогаш демографската карта е комплетно променета.

На последното попишување во 2002-та албанското население изнесувало 18,9% од вкупното население во Македонија.

Ивана Соколовиќ Најдова