Помпезна годишна конференција „Година на нови можности“ – Владата се пофали со успесите

Помпезен дводневен настан за власта да се пофали со сработеното – вака може да се опише конференцијата во организација на Владата и премиерот Димитар Ковачевски под мотото “Година на нови можности“. Цел државен врв – министри, директори, градоначалници се собраа денеска да се пофалат со проекти од областа на економијата, здравството, судството, образование Интересно е тоа што функционерите десетици пати повторуваат едно те исто – па се фалат со нешто што го направиле иако за тоа се впрочем на местото каде што се и за тоа се платени од граѓаните. Сепак, позади розовите претстави на власта, како државата се движи во вистински правец, фактите на терен говорат нешто друго. Корупција на високо ниво, нефункционален здравствен систем, висока инфлација, слабо владеење на правото. И додека премиерот Ковачевски се фали како во Македонија животот станувал се подобар, млади лекари се селат од државава, учениците учат без учебници, сиромаштијата зема замав. Првиот човек на Владата посочи дека минатата година, иако најкризна, имало највисоко ниво на капитални инвестиции во историјата – 465 милиони евра, а се пофали и со изградени 1300км патишта, иако има многу незавршени и неставени во употреба, а во овие километри влегуваат и патиштата на кои им е извршена само реконструкција.

„Ако ги погледнеме капиталните инвестиции, во 2022 година реализирани се 90 проценти од планираните проекти, што е највисок остварен процент во претходните 10 години и највисок историски износ од 465 милиони евра и тоа во најкризна година – изјави Ковачевски.

На прашањето зошто Владата организира вакви настани на кои се е прикажано премногу розово, додека ситуацијата е поинаква, премиерот уште еднаш ја искористи приликата да се пофали со покачените плати и пензии, без да ја земе предвид инфлацијата, но и со успехот кој сме го постигнале на патот кон ЕУ.

Овој тим што сега работи докажа дека може да ги одглави проектите поради лошите претходни проектирања и да ги спроведе. Владата има одговорност пред граѓаните да ги спроведе овие проекти, подвлече премиерот. – Комплетно се согласувам со Стопанската комора дека инфраструктура на врвно ниво е еден од предусловите за успешно развивање на економијата и бизнисите во кој било регион – потенцира премиерот.

Премиерот и владините претставници најавија амбициозен план за инвестиции, почеток на градежните работи на Коридорот 8, автопатско решение до Албанија, и меѓу Прилеп и Битола, завршување на најголемите инфраструктурни проекти, но повторно зголемување на платите и пензиите.

Адријана Алексиеска

Advertisements

Поврзани вести