Помошта за пензионерите симболична, со 750 до 1.500 денари може едвај еднаш да се испазари во маркет
Помошта за пензионерите е симболична и недоволна. Поддршката не ја покрива ниту стапката на инфлација од 18,7% – реагира поранешниот претседател на здруженијата на пензионери Драги Аргировски на мерките кои ги опфаќаат пензионерите. Вели поддршката која се движи од 750 до 1.500 денари месечно едвај е доволна за едно одење во продавница, а камоли да се подмират зголемените трошоци за лекови, комуналии, превоз. Аргировски смета дека Владата не треба да се обидува да добие политички поени со оваа помош бидејќи таа била минимална и ќе трае едвај 4 месеци што не е ниту до крајот на грејната сезона, кога трошоците за греење се најголеми. Потенцира дека оние со пензии над 14 илјади денари нема да добијат ништо, а трошоците за живот биле зголемени поддеднакво за сите. Смета дека требало барем 3000 денари покачување да добијат пензионерите со примања до 18 илјади денари.
„Да се дадеше барем 3.000 денари на пензионерите со најниски примања, тоа се оние до 18 илјади. По два илјади можеше да се даде на оние што земаат до 30 илјади, а на оние од 30 до 40 илјади, по илјада денари зголемување подобро ќе беше“ – вели Аргировски.
Со помош за енормно зголемените трошоци за пензионерите не треба да излезе само Владата ,туку и здруженијата на пензионери и општините. Притоа, побара таа помош да не биде селективна и по партиски клуч, туку да ја добијат сите на кои им е најпотребна.
Аргировски реагира дека и претходното покачување на пензиите од 6,8% било неправедно кон најголем дел од пензионерите. Бидејќи е изразено во проценти, а не во фиксен износ, најголемо зголемување добиле пензионерите со највисоки примања, а најмалку токму најсиромашните пензионери. Инаку во неделата премиерот Ковачевски го презентираше 350 милиони евра вредниот пакет помош за граѓаните. Тој, меѓу другото, вклучува директна финансиска поддршка од 1.500 денари месечно, односно вкупно 6 илјади денари во наредните 4 месеци за речиси 92 илјади пензионери кои сега земаат до 11.525 денари. 750 денари месечно, или вкупно 3.000 денари за 4 месеци ќе има за 66 илјади пензионери со примања од 11.525 до 14.000 денари. Овие мерки треба да го поминат собранискиот филтер, а исплатата на првите зголемени ноемвриски пензии се очекува во декември или најрано во последната недела од ноември кога најголем дел од банките ги ставаат парите на сметките на пензионерите.
Тања Попова