Полиција го штити Центарот за зависници во Кисела Вода

Нема спас за жителите на Кисела Вода кои со години мака мачат да се ослободат од Центарот за зависници што се наоѓа среде куќите во нивното маало. И покрај апелите до надлежните, но и ветувањата на локалната власт дека Центарот ќе биде затворен, таму и денеска пациентите доаѓаа да ја подигнат дневната терапија. Објектот беше под засилено полициско обезбедување.

Од Општина Кисела Вода велат дека немале ниту надлежност ниту ингеренции за да делуваат во овој Центар. Сепак, велат утрово успеале да постигнат договор со жителите, корисниците и денеска да ја примат неопходната терапија.

„Општината нема апсолутно никакви надлежности и ингеренции со Центарот за зависници, а цело време делува и презема буквално се, за да ги заштити интересите и потребите на граѓаните, но и на оние кои имаат потреба од користење на услугите на Центарот. Сите досегашни изјави во врска со решенијата за проблемите со Центарот за зависници, се исклучиво врз основа на соработката и договорите со Владата и Министерството за здравство“, информираат од Општината.

Вчера жители на населбата се собраа на нов протест и се заканија дека портите на центарот ако треба ќе ги затворат на сила.

Кон крајот на минатата година, жители на Кисела вода го блокираа главниот булевар во Општината и бараа од надлежните итно да се реши проблемот со кој се соочуваат 20-тина години.Тогаш градоначалникот Темелковски и министерот за здравство Филипче ветија дека решение ќе има до мај годинава.

Пред два месеци, од Министерството најавија дека Центарот ќе се дислоцира до крајот на годинава и тоа во поранешната менза на фабриката „Металскиот Завод-Тито“. Ова пак предизвика револт кај жителите на Општина Гази Баба кои преку протест порачаа оти нема да дозволат корисниците на дрога да се шетаат низ нивната општина.

Биљана Божиновска