Полицајци помогнале во бегството на Беким Мемети: Притвор за командирот и двајца затворски полицајци

Затворската полиција му помогнала на Беким Мемети во неговото бегство, ова го покажала истрагата на Обвинителството. Од изутрината командирот и двајца затворски полицајци се во осумдневен притвор, на еден пак му е одземен пасошот. Службениците не ги почитувале протоколите за спровод, па сега кривично ќе одговараат.

-Иако процедурите налагаат доколку осуденикот треба да се третира во здравствена установа, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, тие не го сториле тоа што претходно било случај кога истото осудено лице било спроведувано до одредена здравствена установа, велат од ОЈО.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека командирот Срѓан Поп Димитријевски е човек близок до СДСМ и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Од опозицијата прашуваат зошто не е побарана асистенција од МВР? За кого бараат од Идризово полициска асистенција, ако не за криминалци осудени за убиство? Дали намерно не е побарана полициска асистенција? Дали командирот кој е поддржувал на СДС исполнува партиски насоки?

-Командирот во чија смена се случило бегството е поранешен полициски службеник, кој бил фатен при земање поткуп, а потоа и избркам од работа. Полициски службеник фатен во криминал, од СДС е назначен за командир во Идризово. Истиот тој Командир при транспорт на лица со зголемен ризик е одговорен да направи проценка и да побара асистенција од МВР, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од МВР пак демантираат, но не дека командирот бил близок до СДСМ, туку дека не бил вработен од Министерот Спасовски туку дека за неговото вреботување надлежни биле од министрството за правда.

-Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лагите на ВМРО-ДПМНЕ изнесени во денешното соопштение. Станува збор или за свесно лажење или за комплетна неписменост и недоветност, затоа што и полуписмен човек знае дека МВР нема врска со затворската полиција, туку таа е во склоп на Министерството за правда односно Управата за извршување санкции, велат од МВР.

Од МВР соопштија и дека бегалецот пукал во кровот на возилото, со цел да го оправдба бегството, но зрното од куршумот се одбило од кровот и случајно го погодило затворскиот полицаец во долниот дел од стомакот. Тој во мементов се наоѓа на карил во добра здравствена состојба со одземен пасош.

Матеја Петровски

Advertisements