Политиката вмеша прсти во спортот: Ако Бугарија се плашела од Македонија требала да игра џамлии

Ако се плашеле од Македонија, подобро да играле џамлии. Пред мечот меѓу Бугарија и нашата репрезентација во Разград, бугарски провокации сега пристигнуваат и преку спортот. Претседателот на фудбалскиот клуб Славија Софија, Венцислав Стефанов, велејќи дека биле големи фаворити против нас, прашува кога тоа ние сме станале држава, која би можела да се спротистави на Бугарија.
-Северна Македонија, која е таа Северна Македонија, кога станаа држава. Ние ако почнеме од Северна Македонија, Грузија и Гибралтар да стравуваме, дај да го затвориме овој спорт и да играме џамлии. Доволно со тие глупости, изјави Стефанов.
Покрај фудбалскиот меч, во Бугарија тема е и европскиот пат на Македонија. Единствениот начин да биде крената бугарската рампа е условите на Бугарија, да бидат вградени во преговарачката рамка, анализира БГНЕС, околу можностите кои се на маса за месецов и можното тргнување на ветото. Ова би значелно дека и покра стартувани преговори, официјална Софија може да не блокира на секоја од 35-те точки, за кои ќе преговараме, доколку не ги прифаќаме нивните услови и уценувања.
-Единствената практична можност Бугарија да се согласи да даде согласност за РСМ за почеток на преговорите за членство во ЕУ е ако бугарските услови се целосно вградени во самата преговарачка рамка, која Европскиот совет ќе ја одобри за Македонија. Само така бугарската страна би имала какви било гаранции дека условите што ги има за Скопје во иднина ќе бидат запазени и исполнети. Во случај на непочитување, Софија би имала легитимно право да го санкционира – преку Европскиот совет и неговите формати, неусогласеноста за која станува збор, се вели во анализата на БГНЕС.
Ваквата можност доаѓа откако пристигна информацијата дека Емануел Макрон ги кани Кирил Петков и Румен Радев, каде ваквата можност за старт на преговори за Македонија, би била претставена пред политичкиот врв од Софија. Оваа покана веќе беше одбиена од Радев, кој порача дека немало зошто да оди во Париз.
-Нема напредок во разговорите меѓу Софија и Скопје, поради тоа нема ниту основ за таква моја посета на Париз, изјави Радев.
Додека бугарскиот народ отворено од своите политичари ги знае позициите во однос на Македонија, кај нас случајот е сосем обратен. И покрај полните усти самопофалби колку оваа власт била транспарентна, луѓето за разговорите со Бугарија не знаат речиси ништо, освен дека сме немале договор околу спорните точки во моментов.
Матеја Петровски