Филмски грабеж на банка во Чаир разбојниците побегнале и си го запалиле возилото

Полиено со бензин и запалено, вака разбојниците кои утрово ја ограбија експозитурата на Тутунска Банка во скопски Чаир ги сокрија своите траги. Како по филмско сценарио, за време на разбојништвото во банката, не дозволиле ништо да ги спречи за да украдат пари.

Прво се степале со обезбедувањето, а додека бегале со автомобилот голф 5, испукале еден куршум во воздух. Со возилото се движеле по булевар Словенија, свртеле кон скопската населба Шуто Оризари, а веднаш потоа по тесните улички кон пругата.Тесниот пат покрај пругите бил сојузник на разбојниците кои сакале да ги сокријат своите траги, откако ја ограбиле Тутунска Банка во скопската населба Чаир, која од оваа локација каде го запалиле возилото е оддалечена 8 километри.

Официјални податоци колку разбојници учествувале во грабежот нема, се шпекулира со тројца или четворица. Дали биле маскирани, дали некој ги чекал во голфот пред банката, нема информации. Не се знае ниту дали возач ги чекал  на местото каде го запалиле голфот, или пак таму имале паркирано друг автомобил со кој избегале.

Полицијата неофицијално пронашла една рамка за пиштол, која ќе се вештачи, за да се утврди дали е користена во извршување на други кривични дела. Нема информации ниту колку пари се украдени, од банката излегоа со соопштение според кое нема повредни вработени во експозитурата, а парите на штедачите се на сигурни.

Катерина Гетева