Поезијата од Стефан Марковски застапена во меѓународен поетски зборник во Италија

Поетското дело насловено „Брзина на сонот“ („Il ritmo di un sogno“) од македонскиот писател Стефан Марковски е застапено во 15-то издание на зборникот „Castello di Duino“.

На меѓународниот конкурс за поезија и драмски текстови насловен „I have a Dream“/„Ho un Sogno“, жирито во состав од дваесетина поети и книжевни критичари ја избра поезијата на Марковски во категоријата „Поезија на срцето“ („Poesie del cuore“) во селекција од над 500 поети до 30-годишна возраст во светски рамки.

Петнаесеттото издание на конкурсот и истоимениот фестивал на кој ќе биде промовиран поетскиот зборник се организирани од организацијата „Poesia e Solidarietà“ во соработка со Одделот за општествени науки и уметности „IUSLIT“ при Универзитетот од Трст и Меѓународниот центар за младинско учење и документирање „ISDC“ и ќе бидат обележани во знакот на 500-годишнината од смртта на големиот уметник, истражувач и полимат Леонардо да Винчи (1452-1519).

Промоцијата на зборникот е завршен настан на фестивалот закажан за 31-ви март во замокот Дуино во близина на Трст, а каде во текот на 10 дена ќе настапуваат бројни поети, како и видни музички, театарски и уметнички имиња од Италија и светот.