НАЈНОВИ ВЕСТИ

Подзаконски акти, акциски планови, препораки ЕК, но сепак се гушиме во опасен воздух

Македонија иако со години се наоѓа на врвот на неславната листа земји со загаден воздух, никако не успева да ги унапреди стандардите за работа во депониите. Големиот број закони, подзаконски акти, акциски планови, како и препораки од Европската комисија не ја решаваат состојбата и редовно остануваат само како мртво слово на хартија.

Последни, алармот го вклучија жителите на околните места крај скопската депонија Дрисла, кои во петокот во огромен број излегоа на протест, бидејќи редовно страдале од белодробни заболувања и канцер поради неадекватното горење на медицински отпад.

Од еколошкото здружение „Еко Вита“ велат дека во Македонија најголем дел од комуналниот отпад се одлага во диви депонии, каде најчесто се пали, што пак има огромен удел во загадувањето на природата. Оттаму додаваат и дека надлежните не ги почитуваат меѓународните конвеции за животна средина, што е извор на проблемите.

  • „Почитување на „Архуската“ конвенција, односно информирање, консултирање и вклучување на граѓаните кога се носат одлуки од загадувачки крактер. Сето ова не се спроведува и почитува во Македонија, се носат брзи одлуки без да се запознаат граѓаните, се крши Архуската конвенција и кај граѓаните ова предизвикува недоверба во системот“ – За Алфа вели претседателот на „Ековита“ Сашко Тодоров.

Тој смета дека за решавање на проблемот потребно е сеопфатно решение, а не брзи, ад-хок одлуки кои ги практкува власта.

  • „За решавање на проблемот со депониите потребно е системско решение а не брзи одлуки. Најпрво треба да се воспостави систем за примарна селекција на комуналниот отпад од комуналните претпријатија и локалната самоуправа, со цел да се намали количината на отпадот која треба да се депонира на депониите и да се рециклира поголем дел од суровините“ – Додава тој.

Македонските депонии постојано создаваат проблеми за луѓето кои живеат околу нив. Охридско-Струшката депонија во Буково редовно се пали и ги задушува шеста села во својата околија, а во подобра состојба не е ниту Русино во полошкиот регион. Освен што се палат, жителите постојано се жалат дека кучуња скитници разнесуваат токсичен отпад во околните населени места.

Во меѓувреме, покрај бројните заложби и предизборни ветувања, нејасно е дали и кога надлежните навистина ќе преземат мерки за унапредување на еколошките стандарди на депониите низ државата. Особено имајќи во предвид дека тоа е една од најскапите реформи во процесот за пристап кон Европската Унија.

Никола Цветкоски