Подемот и падот на СЈО – од симбол на правдата до сомнеж за корупција

За 4 години Специјалното јавно обвинителство кое го именуваа како бедемот на правната држава беше со полни раце работа, имаа помпезни и драматични прес конференции, отворија над 40 отворени случаи, а затворија само три од кои едниот е загубен.

Чарлиевите ангели од Македонија, Трио Фантастико, храбрите дами кои ја истражуваат корупцијата беа само дел од прекарите на специјалните обвинителки Катица Јанева, Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи во кои се “крстеа” шарените револуционери, се палеа бакљи во нивно име, се печатеа маички кои станаа препознатлив street wear.

Како течеа годините така и се зголемуваше персонализацијата на СЈО со Јанева, се чини дека по промената на власта, доминацијата на Катица во обвинителството се зајакна.

Таа речиси стана незаменлива, поддршка добиваше од властите кои ја нарекуваа синоним за враќање на правната држава, а околу нејзината евентуална промена доколку тоа се побара во новиот предлог закон за јавно обвинителство, Јанева истакна дека нема кој да ја смени.

И додека никој не можеше да ја смени, Јанева случајно или не на денот кога го приведоа Бојан Јовановски си поднесе оставка од нејзината функција.
Денот по оставката на Јанева почна со фотографии од познатите маички СЈО со пречкртана буква Ј, зад која стоеше нејзиниот лик.

Опозицијата инсистираше да биде исклучена можноста за Јанева да добие нов мандат, а власта не се согласуваше со тоа. Сепак, споменувањето на нејзиното име засега само во јавноста, во случај поврзан со изнудување пари од обвинет од нејзиното обвинителство веќе почна да фрла сомнеж на целосниот кредибилитет на институцијата и на сите предмети што таа ги водеше.

Поголем број правни експерти, странски дипломати и политичари порачувале дека е неопходно да се обезбеди законско решение со кое СЈО ќе ја продолжи својата работа, со оглед на обемот што го има. Овој закон се споменува и како услов за државата да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија.

Meри Ѓорѓиевска